
За да ја користат оваа можност, компаниите треба континуирано да ја користеле „АЛТА банка“ за исплата на плати во трите месеци пред донесувањето на одлуката. Средствата од платежната сметка на фирмата што може да се употребат за исплата на платите може да бидат до 5% повисоки од вкупниот износ на платите исплатени во октомври.
Со измената физичките лица во целост можат да располагаат и со новите приливи на сметките во „АЛТА банка“ АД Битола, ако средствата доаѓаат од платежни сметки отворени кај други банки и даватели на платежни услуги. Граѓаните можат без ограничување на износот да ги користат средствата што дополнително ќе им бидат уплатени врз оваа основа.
„Народната банка внимателно ја следи состојбата во „АЛТА банка“ АД Битола и продолжува со приспособување на мерките, имајќи ги предвид условите за работење на Банката и потребите на нејзините клиенти. Притоа, приоритет остануваат заштитата на интересите на клиентите и постепеното олеснување на ограничувањата, со задржување на соодветната контрола врз одливите на средства“, се наведува во соопштението.



