Рускиот претседател Владимир Путин го поканил српскиот претседател Александар Вучиќ да ја посети Москва, јави дописникот на МИА од Белград.
Како што соопшти јавниот сервис РТС поканата е испратена по повод одбележувањето на 80-годишнината од победата во Втората светска војна, која навршува на 9 мај 2025 година.
-Ве поканувам да земете учество на свеченостите по повод 80-годишнината од Победата во Големата татковинска војна, што ќе се одржи во Москва на 9 мај 2025 година, се наведува во поканата на Путин до Вучиќ.
Како што се додава, овој најважен датум го симболизира крајот на најстрашната војна во историјата на човештвото.
-Ние оддаваме длабока почит кон херојството на нашите татковци и дедовци и ги поклонуваме главите пред бројните жртви на нацизмот. Убеден сум дека зачувувањето на споменот на Големата победа ќе ја зајакне заедничката определба да се спротивставиме на какви било манифестации на неонацизам и ќе ја зголемиме конструктивната соработка со цел да се обезбеди мир и безбедност на планетата. Искрено ќе ми биде драго да ве видам во Москва, напиша Путин во поканата до претседателот Вучиќ.