
Кога станува збор за електронските цигари, нивното користење во затворени простори ќе биде забрането, а исто така, ќе се забрани и продажбата на сите вкусови што се популарни меѓу младите.
„Процесот на собирање забелешки за овој закон веќе е завршен. Работните групи извршија консултации со стручњаците и со сите заинтересирани страни во државата. И јас и премиерот, заедно, имавме неколку состаноци со производители, потрошувачи, како и со претставници од компании, ресторани и кафулиња. Има забелешки што беа логични и справедливи за разгледување, но некои не беа прифатени. Прифативме одложување на примената на законот за тераси – отворени тераси од три страни, кои, за жал, сегашниот закон ги смета за затворени. Им е потребно време за да ја прилагодат инфраструктурата согласно новите правила“, изјави министерот за здравство, Азир Алиу, одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Владата.
Продажбата на електронски цигари со ароми беше делумно прифатено барање.
„Барањето за продажба на електронски цигари со вкусови беше делумно прифатено. Некадешните вкусови се наменети директно за младата популација. Целта на законот е да се заштити населението, со акцент на младите. Како држава, сме на врвот во Европа по употреба на нетрадиционални, помалку штетни или модерни електронски цигари. Сите вкусови што се благи и привлекателни за младите ќе бидат забранети, а согласно направените анализи и барањата, ќе дозволиме продажба само на електронски цигари со неутрален вкус и вкус на тутун“, додаде министерот.
Барањето што не беше прифатено се однесуваше на продолжување на користењето на електронските цигари во затворени простории.
„Тоа не беше прифатено. Сметаме дека тие се исто толку штетни, како и традиционалните цигари, и затоа не ќе дозволиме нивна употреба во внатрешни простории“, нагласи министерот.



