Битиќи: Вонинституционално најавеното задолжување ќе го зголеми јавниот долг на 66% од БДП

„Стратегијата на ВМРО-ДПМНЕ вели дека јавниот долг ќе се зголеми над 60% од БДП. Контрадикторно е дека ова никаде не е споменато во нивната програма Платформа 1198, но со најавеното задолжување од една милијарда евра јавниот долг ќе биде 66% од вредноста на БДП“, изјави пратеникот од СДСМ, Фатмир Битиќи, синоќа во гостување во емисијата „24 Анализа“ на Телевизија 24.

Коментирајќи ја најавата на Христијан Мицкоски за задолжување на државата од една милијарда евра, Битиќи оцени дека во јавноста има промена на реториката – дека она што до вчера било важно, денес веќе се релативизира.

„Одеднаш се зборува дека  не е важно колкав е процентот на јавниот долг, до вчера беше… не е битен начинот на задолжување, до вчера беше… не е битно кој ти дал овластување за да преговараш за долг од една милијарда евра, до вчера беше… сега се тоа не е важно, важно е само да се дојде до една милијарда евра“, рече Битиќи и заклучи дека станува збор за вонинституционално преговарање за кое Мицкоски никој не го овластил.

Прочитајте и:  Мециновиќ: Со малограѓански сценарија пратениците од ВМРО-ДПМНЕ сакаа да избегнат одговори на прашањата поставени од Левица

„Треба прво да се формира влада, да се влезе во институциите, па институционално да се водат преговорите за задолжување, па потоа да се каже исходот од задолжувањето“, нагласи Битиќи и додаде дека станува збор за нелегитимно преговарање во четири очи за задолжување на државата.

Според него, со задолжувањето на овој начин се испраќа порака дека идната влада сака да се откаже од 840 милиони евра од Европската комисија, наменети за Македонија преку Планот за економски раст на ЕУ.

„Тоа се средства со кои државата се обврзува да направи одредени реформи, кои се со подобри и поповолни услови отколку позајмицата од една милијарда евра“, рече Битиќи.

- Реклама -