СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ со меѓусебни обвинувања за крстот на Попова Шапка и решението за „отстранување“

Координаторот на советничката група на ВМРО ДПМНЕ Ангел Карапетров реагираше на прес-конференцијата на пратеничката на СДСМ, Фаница Николоска. Тој порача дека јавноста веќе се измори, од како што вели, игрите на СДСМ и ДУИ и секојдневното подгревање на тензиите околу состојбата со крстот на Попова Шапка и постојаниот повик до нив дека биле криви.

„Фаница Николовска и СДСМ најпрво треба да престанат да се брукаат кога повикуваат на смиреност и намалување на тензиите, кога добро знаат дека токму тие ги предизвикуваат. Одлуката за уривање на крстот не е одлука на БЕСА и ВМРО, туку одлука на Општинскиот инспекторат, кој постапи по барање на коалиционен парнер на СДСМ, ДУИ. Јавноста добро памети дека нивниот парнер ДУИ уште дента кога се постави крстот реагираше како да се случило нешто најстрашно“, вели Карапетров во соопштение до јавноста.

Тој оцени дека нема да се отстрани крстот на Попова Шапка.

„Доколку убаво го слушале раководителот на Инспекторатот кој рече дека решението ќе се спроведе кога ќе дојде на ред, односно после 5000 други нелегални објекти , меѓу кои и џамијата на Попова Шапка, ќе знаат дека такво нешто нема да се случи. Господата од СДСМ се многу бучни за крстот, но никаде ги немаше кога се градеше џамијата, токму во време кога тие бие лонче и капаче во тетовската локална власт заедно со ДУИ. Крајот им се гледа, но апелираме нервозата да си ја задржат барем во овие празнични денови, кога јавноста сака мир, сплотеност и убави мигови со своите блиски“, се вели во соопшението на Ангел Карапетров. 

Претходно, Николоска од СДСМ, на партиската прес-конференција, побара „БЕСА и ДПМНЕ во општина Тетово да ја повлечат одлуката за уривање на верското обележје на Попова Шапка“.

Прочитајте и:  ВМРО-ДПМНЕ: Со буџетот за 2025 година полициските службеници ќе добијат покачување на платите

„Прво, затоа што на Попова Шапка станува збор за црковен имот и верско обележје (крст) во двор на манастир а не за објект.

Второ, затоа што било какви провокации и дејствија може да предизвикаат тензии со сериозни последици, да подгреат раздор, верски, политички или етнички поделби меѓу граѓаните“, рече Николоска, додавајќи дека сите политички чинители, „а пред сè коалициските партии БЕСА и ДПМНЕ во Советот на општина Тетово“ требало да работат за доброто на сите граѓани на Тетово.

„За жал она што го гледаме е дека БЕСА и ДПМНЕ во Тетово со своите одлуки и сценарија сакаат да предизвикуваат штета на граѓаните, соживотот и меѓусебното разбирање.

Загрижува тоа што сите штетни одлуки на Касами во Тетово се поддржани од ДПМНЕ како коалициски партнер на БЕСА.

Најважното место во Општината после Градоначалникот во Тетово е Секретарот, оваа позиција ја извршува Дарко Коцевски од ВМРО-ДПМНЕ.

Се сомневаме дека ова е дел од договорено сценарио на ДПМНЕ и БЕСА во предизборието“, рече Николоска, додавајќи дека „СДСМ, заедно со граѓаните, со сите разумни и одговорни политички субјекти, ќе направи сè да не се дозволи сценаријата на БЕСА и ДПМНЕ во Тетово да успеат“.

Николоска и СДСМ до граѓаните упатија повик за смиреност и да не подлегнуваат на, како што рече, „провокациите на БЕСА и ДПМНЕ“. Институциите ги повика на будност и навремена реакција во рамки на надлежностите.

„Во името на сите граѓани на Тетово, соживотот и меѓусебната толеранција и почитување бараме општина Тетово и градоначалникот Касами да се воздржат од било какви понатамошни дејствија, а одлуката да биде повлечена“, апелираа од СДСМ до Касами.

- Реклама -