Левица: Политиката на подаништво ја вовлекува Македонија во војна; Kој обучува украински војници во земјава?

Со овозможувањето на обука на украински војници во Македонија, власта на СДСМ и ДУИ директно ја вовлекува државата во конфронтација со Русија и нè прави потенцијална мета, реагираат од политичката партија Левица откако Министерството за одбрана откри дека вакви обуки имало во земјава.

„Целосната зависност на надворешната и безбедносната политика на Македонија го потврди новиот акт на подаништво кој деновиве го соопшти Министерката Славјанка за обучување на украински војници во нашата држава. Анти-народната Влада на СДС и ДУИ, овозможила обука на украински војници во Македонија, со што уште еднаш директно ја вовлекуваат државата во конфротација со земја членка на Советот за безбедност.

Ова е само уште еден доказ дека насилното вовлекување на земјата во НАТО нè прави потенцијална мета, заради остварување на интересите на трети држави а на огромна штета на Македонија“, обвинуваат од Левица.

Воедно, тие прашуваат:

„Имајќи ги во предвид капацитетите на АРМ, се отвораат следниве прашања: Kој ја вршел целата оваа обука, и дали странски безбедносни структури ја спроведувале целата обука?“.

„Несомнено е дека Македонија нема апсолутно никаков интерес од вмешување и учество во воени дејствија кои се директна последица на империјалистичката политика која ја води Колективниот запад. Уште поизвесно е дека последиците, особено со политиката на санкции, ги плаќаат македонските граѓани, кои се манифестираат преку вртоглавата инфлација во сите сфери на економијата, проследени со хронична енергетска и социјална криза“, велат од Левица, истовремено криткувајќи ја и најголемата опозициска партија.

Прочитајте и:  Министри на ЕУ членки: Путин продава лаги за руската економија, која со „советизацијата“ оди кон пропаст

„Молкот за вазалската надворешна надворешна и безбедносна политика на ДПМНЕ, е само поддршка и ветар во грб, за продолжување на истата од Владата на СДСМ и ДУИ. За чии интереси одработува врхушката на ‘политичката елита’?“, прашуваат од партијата.

Министерката за одбрана Славјанка Петровска, пред три дена, во „Тема на денот“ во Дневникот на Македонската телевизија, информираше дека била реализирана обука на украински војници во земјава, со што, како што рече, се потврдува нашата заложба за континуирана поддршка кон правото на Украина да се одбрани од руската агресија.

„Се понудивме и веќе ја реализиравме првата обука, првиот тренинг на украински војници кои успешно ја завршија обуката во Република Северна Македонија во објекти, во локации кои се сопственост на Армијата на Република Северна Македонија, за што беше донесена соодветна одлука на Владата на Северна Македонија, а која од безбедносни причини ја соопштуваме откако таа заврши“, изјави Петровска.

Ваквиот вид на поддршка и преку тренинзи и преку обуки кои се димензионирани согласно побарувањата на украинската страна, ќе продолжи и во текот на 2024 година и сè додека за тоа има потреба, информираше Петровска, додавајќи дека земјава се вбројува во топ пет НАТО членки  кои ѝ пружиле најмногу помош на украинската војска. „И нема да отстапиме од таквата заложба“, порача Петровска.

- Реклама -