Ковачевски: Пораките од САД, штом се кажани вака јавно, треба да се сфатат сериозно, нивните сугестии се најдобронамерни

„Ако не го продолжиме европскиот пат и не ги направиме следните чекори, евроинтеграциите ќе бидат доведени во ризик. Повторно ќе се најдеме во состојба на стагнација како онаа што ја имавме десет години, од 2006 – 2016, и тоа не смееме да го дозволиме. Северна Македонија ќе оди напред и ние ќе ја исполниме нашата стратешка цел – полноправно членство во ЕУ до 2030 година“, рече попладнево од собраниска говорница премиерот Димитар Ковачевски, одговорајќи на пратеничко прашање.

Ковачевски потенцира пораките од САД да се сфатат сериозно зашто овој, како што рече, наш најголем стратешки партнер, ќе продолжи да ја поддржува земјава во носењето „храбри и мудри одлуки“ на патот кон ЕУ.

Ковачевски подвлече дека пријателството со САД е голема гаранција за стабилноста на нашата држава, но и на регионот.

„Не можам да замислам колку некој може да биде неодговорен во овој ризичен геополитички контекст на случувања по војната во Украина за да ја остави на лизгав терен и својата земја, и регионот и Европа“, рече тој, алудирајќи на опозицијата.

„Пораката од САД е многу јасна, а тоа го потврди денеска и сенаторот Крис Марфи, дека сите политички партии треба да го поддржат европскиот пат како единствен стратешки пат на Северна Македонија која, по НАТО, треба да стане членка и на ЕУ. САД ќе ни помогнат на секој чекор понатаму за да ги исполниме обврските од преговарачката рамка и да ги продолжиме преговорите со ЕУ. Нивните сугестии се најдобронамерни. Ако САД одлучиле да го соопштат вака јавно повикот за натамошен напредок на нашата држава, тогаш навистина треба да се сфати добронамерноста нивна и на другите наши партнери и сите заедно да ја донесеме одлуката која нѐ носи во ЕУ и реформите на тој пат. Очите и на европската јавност и на партнерите од НАТО се повторно вперени во нас зашто во нас се гледа и фактор на стабилност и фактор на безбедност во регионот и Европа. Сакам да ве уверам дека за уставните измени и Преамбулата со внесување делови од други народи, имаме силна поддршка од сите стратешки партнери за да донесеме одлука која ќе биде добра за сите нас“, рече премиерот.

Прочитајте и:  Орбан: Следуваат двата најопасни месеци од војната, Западот треба најсериозно да ги сфати зборовите на Путин

Според него, партнерите на земјава силно го ценат нашиот придонес во глобалните процеси.

„САД високо го цени нашиот придонес во НАТО и ќе продолжи да ја поддржува земјава во носењето храбри и мудри одлуки кои ги презема Владата во насока на зачленување во НАТО и почнување на преговорите со ЕУ“, повтори Ковачевски.

Извор: МИА

- Реклама -