Му истури гориво, па му го скрши пропелерот: САД објавија видео од инцидентот во Црното Море (ВИДЕО)

Европската команда на американската војска објави видео од инцидентот меѓу американското надгледувачко беспилотно летало и рускиот борбен авион, што се случи над Црното Море.

Според Пентагон, снимката ги прикажува клучните моменти од средбата, која траела 30-40 минути.

Снимката е направена од камерата на дронот MQ-9 Reaper, насочена кон опашката на леталото, така што видлив е и пропелерот на дронот. Како што може да се види од неа, рускиот борбен авион „Сухој“ Су-27 прелетува многу блиску над дронот и испушта голема количина гориво со намера истото да го потопи, со цел да ги „заслепи“ оптичките инструменти на леталото и, во крајна линија, да го избрка од областа. Во вториот дел од снимката, одново руски млазен авион минува уште поблиску до дронот и повторно испушта гориво. Во тој момент доаѓа до прекин на видео сигналот од камерата на дронот, бидејќи, како што тврдат САД, авионот удрил во дронот и го оштетил неговиот пропелер, принудувајќи ги луѓето во контролната база кои пилотирале со дронот истиот да го соборат во Црното Море.

Прочитајте и:  Трговска војна не им оди во прилог ниту на САД, ниту на Кина - му порача Пекинг на Трамп

Во продолжението на снимката, кога сигналот е обновен и камерата продолжува да снима, видливо е оштетувањето на пропелерот – последица на судирот со авионот, тврдат САД, појаснувајќи дека операторите, по принципот на едрилица, продолжиле да го управуваат дронот и го собориле во меѓународни води, југозападно од Крим.

За потсетување, Москва негираше судир или било каков контакт и тврдеше дека дронот се урнал сам од себе, односно дека загубил контрола како последица на „остар маневар“.

Извор: МИА

- Реклама -