Американскиот дрон паднал поради „остар маневар“, вели Москва

Министерството за одбрана на Русија денеска соопшти дека американскиот дрон MQ-9 паднал во Црното Море поради остар маневар, како и дека руските ловци не отвориле оган врз американското летало, ниту имале каков било контакт со него.

Во соопштението се наведува дека американското летало ги нарушило границите на подрачјето на режимот за користење на воздушниот простор над Црното Море, поради што биле испратени руски борбени авиони да го пресретнат.

Како што наведува Министерството, дронот со исклучени транспондери летал во насока на руската граница во регионот на Крим, пренесува РИА Новости.

Во соопштението се наведува дека поради остро маневрирање, американскиот дрон летал неконтролирано, изгубил височина и паднал во водата.

Прочитајте и:  Дефектни гранатите за минофрлачи произведени во Украина, украинското МО ги истражува причините

Европската команда на американските вооружени сили соопшти претходно денеска дека американски дрон MQ-9 се урна во Црното Море по судир со руски борбен авион Су-27 во меѓународниот воздушен простор над Црното Море.

Белата куќа, пак, соопшти дека два руски ловци Су-27 „го принудиле“ дронот да се урне во водите на Црното Море.

Извор: МИА

- Реклама -