Портпаролот за надворешни работи на ЕУ, Петер Стано, ги демантираше наводите дека Жозеп Борел се откажал од предлогот за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина.
Оваа информација во јавноста ја пласираше косовскиот премиер, Албин Курти, по средбите во Брисел.
„Сите наводи дека ЕУ се откажува од предлогот за нормализација на односите меѓу Косово и Србија, кој е поддржан од Германија, Франција и САД, се невистинити. ЕУ и натаму целосно стои зад овој предлог и ги охрабрува страните да се договорат за текстот штом бидат подготвени да ѝ докажат на меѓународната заедница дека се способни да одберат европски решенија“, напиша Стано во демантот испратен до новинарите.
Во име на Борел, Стано додава дека „она што е сега клучно“ е да се избегне ескалација.
„Ова бара веднаш акција од двете страни – Косово да не пишува казни, а Србија да не издава КМ регистарски таблици. Не може да има никакви преговори ако е присутна заканата за насилство“, додаде Стано.
Извор: МИА