Руско МНР: Финска во НАТО ќе ја примора Русија на одмазднички чекори од воена-техничка и од друга природа

Одлуката на финското лидерство што денеска ја соопштија финскиот претседател Саули Нинисто и премиерката Сана Марин – дека Финска треба без одлагање да побара членство во НАТО, е радикална промена во надворешната политика на земјата, реагираат од руското МНР.

Како што се вели во соопштението, Русија постојано посочувала дека изборот за тоа на кој начин ќе ја обезбедат својата национална безбедност е на властите и народот на Финска. Сепак, велат од руското МНР, Хелсинки мора да е свесен за одговорноста и последиците од таквиот потег.

„Финското приклучување во НАТО ќе предизвика сериозна штета на билатералните односи меѓу нашите две земји, одржувањето на стабилноста и безбедноста во северно-европскиот регион. Русија ќе биде приморана да преземе одмазднички чекори, и од воена-техничка и од друга природа, за да ги запре заканите по нејзината национална безбедност кои произлегуваат во овој контекст“, порачуваат од Москва.

„Со децении, политиката на воена неутралност беше основа за стабилноста во Северно-европскиот регион, овозможуваше доверливо ниво на безбедност за финската држава, и беше солидна основа за градење на взаемно корисна соработка и партнерства меѓу нашите земји, во која улогата на воениот фактор беше сведен на нула.

Ниту уверувањата од Русија за отсуството на било какви непријателски намери кон Финска, ниту долгата историја на добрососедски односи и взаемно корисна соработка меѓу нашите земји, не го убеди Хелсинки за предностите на одржувањето на политика на воена неутралност“, се вели во реакцијата на руското МНР.

Според Кремљ, целта на НАТО (чии земји членки, како што велат, „енергично ја убедиле Финска“ дека нема алтернатива освен членството во Алијансата) е јасна: да се продолжи проширувањето кон границите на Русија и да се создаде уште едно крило за воена закана кон Русија. За причините поради кои Финска ја претвора својата територија во „поле за воена конфронтација со Руската Федерација“, додека истовремено „ја губи својата независност во носењето на своите одлуки“, историјата ќе суди, велат од руското МНР.

Прочитајте и:  Подољак: Договор со Русија би било „договор со ѓаволот“

Освен закана за Русија, приклучувањето на Финска во НАТО, според Москва, ќе претставува и директно прекршување на меѓународните легални обврски на Финска.

Примарно, велат, тоа ќе биде прекршување на Парискиот мировен договор од 1947 година, според кој страните имаат обврска да не влегуваат во алијанси или да учествуваат во коалиции насочени против некоја од нив. Освен тоа, додаваат од Москва, потегот претставува прекршување и на договорот од 1992 година меѓу Русија и Финска на база на меѓусебните односи, кој предвидува дека страните ќе се воздржат од закани или употреба на сила против територијалниот интегритет или политичката независност на другата страна, нема да користат или дозволат користење на нивната територија за вооружена агресија против другата страна.

„Сепак, со оглед на актуелната рамнодушност на колективниот Запад кон меѓународното право, таквото однесување стана норма. Ќе реагираме соодветно на ситуацијата“, се вели во реакцијата на руското МНР.

Чекорот на Финска кон членство во НАТО „дефинитивно е закана за Русија“, порача денеска на прес-конференција и портпаролот на Кремљ – Дмитриј Песков. Проширувањето на воениот блок на НАТО нема да го направи светот постабилен, порача тој, додека одлуката на финското лидерство ја оцени како „жална“ и причина за адекватен одговор.

- Реклама -