Мицкоски: Власта се задолжува 900 милиони евра за криминал на ДУИ од епски размери

Власта сака да ја затскрие вистинската намена на најавеното задолжување од 900 милиони евра кои всушност се наменети за проект кој што долго го најавува ДУИ, а кој ќе вклучува и „епски криминал“ на кој ќе бидеме сведоци во периодот што следи, изјави денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски, на новинарско прашање, при неговата на Гевгелија, каде заедно со градоначалникот Андон Сарамандов, а во рамките на партиската активност „Промените се случуваат, секогаш со народот“, двајцата „извршија увид“ на градежни активности во Негорци.

Како подготовка за овој проект на ДУИ, деновиве лице блиско до партијата станало дел од сопственичката структура на една македонска градежна компанија, тврди Мицкоски.

„Ветуваа европска иднина, а донесоа должничко ропство. Она што е интересно и што треба да го знаат граѓаните е обидот да се затскрие вистинската намена на овие 900 милиони евра. Прво ќе излезат и ќе кажат дека биле 900 милиони евра за буџетска поддршка, за ликвидноста на буџетот. Видоа дека таа приказна тешко проаѓа и наидува на критика во јавноста, па потоа се обидоа на мала врата да протнат една друга теза – дека се потрошени државните резерви во четвртиот квартал од минатата година и првиот квартал од оваа година, нешто повеќе од 12 проценти од вкупниот волумен на државни резерви, па требало тие да се покријат. Суштината е нешто друго и повторно главен играч тука е ДУИ, а СДСМ е само набљудувач на тој процес. Тоа се пари кои се наменети за тој проект кој што долго време го најавува ДУИ, а како подготовка на тој проект, изминативе денови е направена промена на сопственичката структура на една стара градежна македонска компанија, сопственост на еден бизнисмен, а сега во дел од сопственоста влезе лице кое што е блиско до ДУИ“, рече Мицкоски.

Прочитајте и:  Мицкоски: Ќе направиме се струјата да не поскапи, во најлош случај ќе биде за 3 отсто во третиот и четвртиот блок

Во деновите кои што следат на сите ќе им стане јасно за што се наменети тие 900 милиони евра и јавноста ќе биде сведок на епски криминал, додаде тој.

„Почекајте и деновите кои што следат на сите ќе ни биде јасно зошто се наменети овие 900 милиони евра. Повторно за криминал, само на еден поинаков начин. Тоа е суштината и тоа треба да го знаат граѓаните. За реализација на еден проект кој што долго време ДУИ го најавува. А како предигра на таа реализација, ќе повторам, направена е промена на сопственичката структура на една градежна компанија каде што нов сопственик е човек, фамилија блиска до ДУИ. Ќе бидеме сведоци на еден епски криминал кој што ќе се случува во периодот кој што следи“, предупредува Мицкоски.

- Реклама -