Блинкен во сложена дипломатска мисија – Блискиот исток и Северна Африка да застанат на страната на Украина

Вашингтон, 28 март 2022 (МИА) – Американскиот државен секретар Ентони Блинкен неделава е во посета на повеќе земји од Блискиот исток и Северна Африка, со учество на важен самит во недела, но неговата мисија има посебна задача – да убеди низа земји од овој голем регион да дадат помош за Украина во одбивањето на инвазијата на Русија.

На патувањето неделава тој треба да се сретне со лидери и дипломати од Израел, Обединети Арапски Емирати, Мароко, Бахреин и Египет.

Самитот планиран да се одржи во пустината Негев во јужен Израел е прикажан како историски настан, за афирмација на растечките економски и дипломатски врски меѓу народите од регионот, пред сè меѓу арапскиот земји и Израел, јави денешен Њујорк тајмс.

– Нешто незамисливо пред неколку години, како што изјави неодамна Блинкен.

Во својата целонеделна дипломатска мисија, државниот секретар има уште една задача, да ги праша лидерите од регионот да застанат зад уште една кауза – помош за Украина во нејзиниот обид да ја одбие руската инвазија, пишува весникот.

Блинкен се надева да го убеди Израел, покрај хуманитарната помош, да испрати и оружје за Украина. Израел има значајни економски врски со Русија и таа соработка би била загрозена во случај на поголем ангажман на официјален Тел Авив во војната во Украина, сметаат аналитичарите.

Прочитајте и:  Павел: Нема мир во Украина без Русија и Кина на преговарачката маса

Друга значајна дестинација каде Блинкен се надева на успех е Мароко. Оваа земја има економска размена со Русија вредна 1.35 милијарди долари во 2020 година, повеќе и од Израел. Мароко од Русија увезува јаглен, нафтени производи и хемикалии. Земјата сака да остане неутрална во конфликтот но се спротивставува на вооружувањето од страна на Русија на групата Полисарио фронт, која се бори за независност во Западна Сахара.

За земјите од Блискиот исток, Блинкен се надева да ги убеди да го зголемат испораките на нафта во ЕУ, за унијата да се оттргне од зависноста од руските енергенси. Засега, тие повици остануваат неодговорени. ОАЕ купува оружје од Москва и останува оаза за руските олигарси и останати блиски на Путин, кои се релоцираат во Дубаи за да ги избегнат меѓународните санкциите, наведува Њујорк тајмс.

Ова може да ги влоши односите меѓу Вашингтон и ОАЕ. И уште повеќе откако претседателот Џо Бајден изјави дека не односите со Блиски исток не се приоритет за надворешната политика на неговата Администрација, и вниманието е свртено кон сложените односи со Кина, а сега и с задржувањето на Русија, наведува весникот.

- Реклама -