„Самитот во Брдо не е самит на којшто се одлучува, но секогаш сакам да бидам оптимист да испратам позитивни пораки. Но, мора да бидеме и реалисти. Овде не може да очекуваме прва меѓувладина конференција, отворање поглавје или слично, туку очекуваме да имаме чисти јасни пораки од ЕУ за интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ, што е насушно потребно за сите шест земји од Западен Балкан“, изјави денеска премиерот Зоран Заев на новинарско прашање во пресрет на Самитот ЕУ-ЗБ во Словенија.
„Пораката колку биде почиста, колку биде попрецизна и пофер према земјите од Западен Балкан и фер спрема ЕУ, тоа дополнително ќе значи мотивација и стимулус на сите да продолжат да работат – пред сѐ граѓаните, институциите, владите и парламентите, сите заедно на европскиот пат на реформите и интегрирањето на нашите земји“, рече Заев.
Премиерот повтори оти е оптимист и оти тоа го поткрепува со аргументи и чекори и одлуки што, како што рече, прво значат конкретно заштита за она што е за нас важно – а тоа е, рече, нашиот идентитет, нашиот македонски јазик, Македонци како народ, но истовремено и изнаоѓање решение.
Заев потврди и дека утре рано, со работен појадок, почнува состанок со комесарот Вархеји и премиерот на Словенија (како земја претседавач), заедно со бугарскиот претседател Румен Радев, а веднаш потоа двајцата ќе имаат средба и со францускиот претседател Емануел Макрон и германската канцеларка Ангела Меркел.
„Секако, знаете дека ќе разговараме за изнаоѓање на решение и уште еднаш да ја испратиме позитивната порака и на билатералното пријателство, добрососедство и соработка, но и заложбите на Бугарија за интеграција на Западен Балкан во ЕУ, како и на Северна Македонија конечно да го направи чекорот којшто толку долго го очекува“, рече Заев.
Тој подвлече дека очекува чисти пораки за земјава и целиот Западен Балкан дека Европа останува комплетно фокусирана на интеграциите на регионов, со сите негови, како што рече, „детали внатре“, како успешноста на реформите, чекорењето напред, исполнувањето на условите. Заев изрази и очекување дека до крајот на годинава ЕУ ќе го испорача и следниот чекор – одржување на првата меѓувладина конференција.