Русите и Украинците се еден народ, вели Путин

Русите и Украинците се еден народ, смета рускиот претседател Владимир Путин. Тој потенцира дека тоа е негово лично мислење.

„Убеден сум дека вистинскиот суверенитет на Украина е можен само преку партнерство со Русија. Нашите духовни, човечки и цивилизациски врски се формирале со векови, вкоренети се во исти извори, а зацврстени се со заеднички достигнувања и победи“, пишува тој во статија објавена на официјалниот вебсајт на Кремљ.

Путин оцени дека „ѕидот кој е создаден во последните неколку години меѓу Русија и Украина, меѓу тој еден ист историски и духовен простор“, го доживува како „заедничка трагедија“ која е последица на грешките на двете страни во различни временски периоди.

„Тоа е резултат на дејсвијата на оние сили кои отсекогаш претендирале на уништување на нашето единство. Формула која се применувала и која на сите им е позната, со векови – раздели и владеј. Тука нема ништо ново. Оттука и обидите да се одигра на карта на националните прашања, да се посее омраза меѓу луѓето. А главната задача е да се подели, а потоа и да се нас’ска народот едни против други“, пишува Путин, пренесуваат агенциите.

Тој обвинува дека Киев нема намера да го почитува мировниот договор од Минск од 2015 година и да стави крај на судирот со проруските сепаратисти на истокот на Украина, која, според него, може да биде стабилна и успешна единствено ако ги одржува пријателските врски со Москва.

„Руската Федерација ги призна сите нови политички региони и направи многу за да може Украина да опстане како независна држава… Исклучиво благодарение на ниските цени на гасот, Украина во периодот од 1991 до 2013 година заштеди преку 82 милијарди долари, а денеска негодува за сума од 1.5 милијарда која Русија треба да ја плати за транзит на гасот до Европа“, тврди Путин, надоврзувајќи се дека до 2014 година биле направени многу договори и заеднички проекти за заедничкото добро на руската и украинската економија. И покрај случувањата од тие години и сѐ што следуваше потоа, додава тој, Русија и натаму остана меѓу трите најголеми трговски партнери на Украина, а стотици илјади Украинци работат на територијата на Русија и во таа земја добиваат поддршка. „Ете каква земја-агресор сме им“, пишува рускиот претседател.

Прочитајте и:  Путин со обраќање до нацијата: Конфликтот доби глобален карактер

Во однос на конфликтот на југоистокот на Украина, Путин вели дека Русија направила сѐ што може за да го запре братоубиството. Потпишаниот Мински договор, потенцира, нема алтернатива.

„Меѓутоа, по сѐ судејќи, сѐ повеќе сум сигурен дека на Киев Донбас едноставно не му е потребен. Зошто? Затоа што граѓаните на тие региони, како прво, никогаш нема да го прифатат тоа што им се наметнува со сила, блокади и закани. А како второ, Минскиот договор, кој претставуваше шанса по мирен пат да се воспостави територијалната целовитост на Украина, во целос е спротивен со проектот ‘анти-Русија’ “, пишува рускиот претседал во статијата.

Тој обвини и дека во пракса, во украинската јавност се создава атмосфера на страв, се користи агресивна реторика, се поттикнува неонацизам и доаѓа до милитаризација на земјата.

Коментирајќи ја статијата на Путин, украинскиот претседал Володимир Зеленски денеска изјави дека тезата за „братски народи“ го потсетува на библиската приказна за Каин и Авел, притоа посочувајќи дека според приказната, Каин го убил својот брат Авел.

Зеленски му забележа на Путин и за тоа што нема време да се состане со него, а има време да пишува „обемни статии“.

„Немав време да ја прочитам целата статија, бидејќи вчера имав важни состаноци. Можам само да позавидам што претседател на една така голема држава може да си дозволи да потроши толку време на така детална работа. Едноставно не знаев на што тој го троши своето време, а сега го гледам резултатот“, изјави Зеленски.

- Реклама -