Мицкоски најави секојдневни блокади на Скопје и уште 10 други градови, сѐ додека Владата не го објави „Патоказот“ што го преговара со Бугарија

Поради (наводните) тајни преговори што Заев и Бучковски ги водат со официјална Софија, ВМРО-ДПМНЕ во претстојниот период ќе преземе активности „кои практично се однесуваат на иднината на Македонија и евроинтегративниот процес на македонскиот народ, нација и држава во рамките на Европската унија“, најави денеска лидерот на најголемата опозициска партија, Христијан Мицкоски.

Тој и денеска уште еднаш ги повтори обвинувањата на адреса на власта, повикувајќи се на информации од високи дипломатски извори од Брисел, но и од официјална Софија, според кои наводно е договорено дека барањата кои бугарскиот парламент ги усвои во Декларацијата – а се однесуваат на посебноста на македонскиот народ, култура, традиција, обичаи, македонскиот јазик, антифашистичката борба – ќе бидат дел и од преговарачката рамка на Македонија со ЕУ. Со тоа, предупреди и денеска Мицкоски, билатералниот проблем со Софија ќе стане проблем кој ние ќе го имаме и ќе треба да го решаваме со Европската унија, а бугарските барања, според него, ќе станат дел од првиот кластер наречен „фундаменталс“, односно претпоглавје.

Постигнувањето на ваков погубен договор со Софија може да се спречи само со силни критики од страна на јавноста, но истовремено и народ на улиците, рече Мицкоски, најавувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ, почнувајќи од утре, секој ден од 15 до 17 часот, ќе го блокира Скопје и уште 10 градови во Македонија, на по три локации. Овие блокади ќе траат сѐ додека власта не ѝ го покаже на јавноста документот кој го опишуваат како „Патоказ“ за надминување на спорот.

„Доколку ова биде дел од преговарачкиот процес, како нација и како држава ние ќе бидеме доведени пред двоен избор, а тоа е: Или асимилација-бугаризација, за еден ден кога ќе ви завршиме реформите да бидеме дел од ЕУ; или замрзнување и напуштање на сонот за ЕУ“, рече Мицкоски и ги повика сите политички партии, без оглед на идеолошката ориентираност и дали се дел од парламентот или не, да се приклучат на барикадите, затоа што, како што рече, македонскиот народ и македонската нација заслужуваат одбрана во овој момент, бидејќи после може да биде доцна.

Прочитајте и:  Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ не функционира со ултиматуми и рокови

Во обраќањето до јавноста, Мицкоски упати порака и до ЕУ.

„Македонскиот народ, македонската нација, македонската држава заслужува без условување, без дополнителни патокази, без дополнителни договори уште од 2009-тата година почнување на преговорите со ЕУ.

Ние ги споделуваме вредностите кои што ги споделуваат жителите на земјите членки на ЕУ. Македонскиот народ, нација и држава се вратата на Европа. Ние го споделуваме сонот на Аденауер, Шуман и Де Гаспери за Обединета Европа. Затоа апелирам до вас: Оставете ги овие хегемонистички барања од официјална Софија кои што ги негираат посебноста на македонскиот јазик, идентитетот, историјата, културата, обичаите, и истапете со вредностите на кои што почива идејата за ЕУ.

Дајте ни датум да почнеме со преговори со вас и таа дата да биде сега на 21-ви јуни. Овој народ тоа го заслужува. Можеби тоа не го заслужува Зоран Заев и оваа Влада, со сигурност не, но овој народ тоа го заслужува. Оваа нација и оваа држава тоа го заслужуваат. Немојте дополнително да го притискате, тој е доволно уценет човек, него не му требаат дополнителни отстапки и овој народ не може тоа да го прифати. Ние сме за достоинствени преговори, а ние ќе ви покажеме дека можеме и заслужуваме да бидеме дел од вас на таа маса.

Јас знам дека нема никакви реформи, буквално ниту во една област. Но тоа што овој народ го направи за Европа во минатото, и тоа што овој народ го направи за Европа во поблиска иднина, заслужува почеток на преговори. На 21-ви јуни дозволете ни да почнеме и да ви докажеме дека ние сме дел од Европа и заслужуваме да бидеме дел од Обединета Европа“, порача Мицкоски до Брисел.

- Реклама -