„Русија продолжува да го шири своето влијание на Балканот. На 15 мај, 6 Хумболтови пингвини од зоолошката во Москва беа испратени во зоолошката градина во Скопје. Таму ќе се сретнат со пингвини од Италија и – се надеваме – ќе станат основа на нова популациja“, соопшти вчера, со голема доза на сарказам, руската амбасада во земјава, откако МНР протера руски дипломат и го прогласи за персона-нон грата.
За бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски, меѓутоа, најважно во целата работа беше што „така и Сталин ја создал македонската нација“.
„Браво, патувањето на пингвините е вистинска геополитичка вест, така се ‘шири влијание на Балканите’. Така ја направивте со татко Сталин и македонската нација, преку вкрстување на политички амеби, српска шајкача и чизма со петокрака. А да, и геноцид над Бугарите во Македонија“, напиша Џамбаски во коментар на објавата на руската амбсада.
Браво, кръстоската на пингвините е истинска геополитическа новина, така се “шири влияние на Балканите”. Така я направихте с батюшка Сталин и македонската нация, чрез кръстосване на политически амеби, сръбски шайкач и ботуш с петолъчка. А да, и геноцид над българите в Македония.
— Джамбазки (@djambazki) May 19, 2021
Настрана од импресивната креативност на Џамбаски, министерот за надворешни работи – Бујар Османи, денеска изрази надеж дека прогласувањето на рускиот дипломат за „персона нон грата“ нема да влијае на односите со Русија. Тој повтори дека одлуката е резултат на сериозна истрага и на однесувањето на дипломатот, кое било неспоиво со дипломатскиот статус и правила. Тој додаде дека одлуката не е поврзана со нашите односи со Русија, иако, како што самиот рече, „се случува во услови кога изгледа како да се солидаризираме со нашите сојузници во врска со некои однесувања на Русија“.
Според Османи, во јавноста се креира лажна дилема околу тоа „дали сме со САД или со Русија“. Таа одлука, рече шефот на македонската дипломатија, државата ја има донесено уште во првите години од независноста – со Резолуцијата во Собранието од 1993 година за членство во НАТО. Со членството во НАТО нашата позиција на меѓународната сцена е значително променета и партнерството со 29 други земји се гради со јасна партиципација и придонес за почитување на принципите на тоа сојузништво, додаде министерот.
Русија, меѓутоа, не се согласува со Османи. Како што соопштија од официјален Кремљ, протерувањето на дипломатот за нив претставува „непријателски чин“.
„Најостро ги осудуваме таквите неосновани потези кои дефинитивно ќе влијаат на односите меѓу Русија и Северна Македонија. Ќе следат мерки на одговор“, порачаа денеска од руското Министерство за надворешни работи.
Во меѓувреме, во одредени портали се појавија и шпекулации за тоа што точно правел дипломатот, а било во спротивност со членот 9 од Виенската конвенција за дипломатски односи. Имено, како што објави „Мактел“ повикувајќи се на „добро информирани извори од највисоките кругови на македонската дипломатија“, рускиот дипломат, на еден дипломатски прием, им пришол на двајца наши дипломати од МНР и почнал да ги убедува да почнат да работат тајно за Русија, односно да оддаваат тајни, да репортираат за средби на министерот Османи и други доверливи информации од нашето МНР, но и други државни информации од стратешко значење за државата. Македонските дипломати, пишува порталот, биле запрепастени од понудата.
Дрскоста на рускиот дипломат, наводно, не запрела таму. По таа средба, пишува порталот, тој непоканет си доаѓал во МНР и преку споредни влезови „како натрапник“ одел во кабинетите на двајцата македонски дипломати, продолжувајќи со понудите да работат за Русија. Според „Мактел“, двајцата дипломати „веднаш го пријавиле случајот“ на своите претпоставени, по што бил известен и државниот врв и била донесена заедничка одлука дека таквото однесување не смее да се остави неказнето, бидејќи евентуалниот молк од МНР Русија ќе го сфатела како тивко одобрување на таквите непријателски шпионски активности на руски дипломати во Руската амбасада во Скопје.
Повеќе за руското влијание во конкретниов случај – овој што го инспирираше Џамбаски, ќе најдете на официјалната Фејсбук страна на Зоолошката градина во Скопје.