Заев за состанокот на Радев: Да бидеме внимателни, не ни треба испраќање на разузнавачки служби

„Апсолутно е неточно дека граѓани на Северна Македонија се изложени на напади само затоа што се Бугари“, вели премиерот Зоран Заев, прашан за вчерашниот состанок што бугарскиот претседател Румен Радев го одржал со шефовите на разузнавачките и безбедносните служби на Бугарија, на кој тема било „преземањето на навремени мерки за заштита на правата на Бугарите“ во земјава.

„Знаете дека иако во Уставот немаме етничка припадност Бугари, кај нас на пописот правото на определба за етничка припадност го имаат сите. Впрочем, прашањето, како што сум информиран од Државниот завод за статистика, ќе гласи ‘На која етничка заедница припаѓате?’ и граѓаните се определуваат целосно. Секојпат правата на граѓаните биле еднакви. Ние сме мултиетничка земја, ги почитуваме еднакво правата на сите, дури и оние најмалубројните заедници, како хрватската, словенската, кои се неколку десетици, стотици или илјада, две, три… сите права до крај ги почитуваме, заради тоа што во нашата земја се зборува за граѓански права, еднакви права, секако и еднакви обврски“, рече Заев.

Тој испрати порака до Радев и соседна Бугарија дека она што  е потребно е внимателност, а не разузнавачки служби и мешање во внатрешните работи.

„Уште еднаш испраќам силна порака до соседна Бугарија. Гледам дека претседателот Радев свикал состанок… Да бидеме внимателни затоа што секогаш сме знаеле да дадеме одговор за било која нивна загриженост, како што и тие знаеле да дадат одговор на наша загриженост. Да не потпаѓаме во било какви инсинуации или неточни информации. Секојпат можеме да ги провериме, ние сме земји членки на НАТО, ние сме сојузници, не ни треба испраќање на не знам какви разузнавачки служби и посебни служби да утврдат дали се почитуваат правата на граѓаните. Таман работа, правата на граѓаните се светост во нашата земја, верувам и во Бугарија е така и во цела Европа, и треба за пример да ги решаваме ваквите проблеми“, истакна премиерот.

Прашан како го толкува соопштението/образложението од кабинетот на Радев и какви тоа „навремени мерки“ би можеле да бидат тема, Заев изрази надеж дека состанокот бил од информативна природа.

„Јас се надевам дека е информативен состанок во којшто сакаат да соберат информации од граѓани коишто се со бугарска етничка определба и ќе споделат информација ако некаде некои права не се признаени, не се прифатени или не се почитуваат. Затоа што недозволиво е, прво, мешање на друга земја во туѓа земја. Ние тоа сме го декларирале и во Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија. И не само тоа, во разговорите одиме и понатаму – немешање во малцинство, затоа што тоа се решава при Советот на Европа, преку Судот на Совет на Европа каде се решаваат сите тие права. Но дефинитивно, ниту има потреба, ниту треба да дојде до судови или слично, затоа што било кој граѓанин, ако му е ускратено некое право или не се еднакви нивните права со останатите граѓани, стоиме како институции на располагање. Јас сум човек којшто бил на отварање на бугарски културен центар во државата, на одржување на семинари и конференции, поздравувајќи ја целата заедница коишто се определуваат како македонски Бугари, немам проблем со определбата на луѓето. Впрочем, ние се гордееме со нашата етничка разноликост во државата. И еве, најпријателски ќе дадам одговор, еве кога претседателот на Бугарија Радев отвара прашање – и јас, и нашиот претседател, и Владата, и парламентот, и општините, сите стоиме на располагање за било каква резерва за било каква обесправеност на било кој граѓанин во нашата земја, да дадеме дефинитивни, точни одговори“, порача Заев.

- Реклама -