„А1он“: Нема да има кривична за возачот на „Бентлито“, ќе си помине само со 45 евра

Фото: Принтскрин / Тик Ток

Во Скопје никој не е над законот – порача градоначалникот Петре Шилегов, ден откако медиумите го објавија видеото на „Бурим Харачина“ од неговото самоволие со неговото „Бентли“ на плоштадот „Македонија“. Но според записниците што ги објави Шилегов, се виде дека Бурим е само прекршочно казнет, по член што предвидува казна од 45 евра. Следниот ден, Шилегов „се правдаше“ дека тоа е само првична казна и дека во дивеењето на плоштадот има елементи за кривична одговорност. Неколку часа пред тоа, истиот ден, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, на новинарско прашање, се согласи дека казната е премала. Според него, тоа е показател дека треба да се размислува за промена на законот и зголемување на казните. Спасовски не спомна ништо за било каква кривична одговорност.

Три дена подоцна, на социјалните мрежи продефилира уште еден „Тик-Ток фраер“ кој возеше покрај колона возила преку тротоар, односно на вело-патека. Шилегов веднаш се огласи за да соопшти дека истиот е казнет со 70 евра и привремено одземање на возилото. Тоа се чинеше како уште еден прилог што ја потврдува неговата смела изјава дека „во Скопје никој не е над законот“.

Во меѓувреме, студен туш од Обвинителството за таквите надежи. Во одговор до „а1он.мк“, тие посочуваат дека до овој момент никој нема доставено кривична пријава, но и дека дури и да има таква, малку е веројатноста дека тоа ќе доведе до построга казна за возачот на „Бентли“ од Арачиново. Имено, од Обвинителството потсетуваат дека на „Бурим Харачина“ веќе му е изречена парична глоба за сообраќаен прекршок, а според пресудите на Европскиот суд за човекови права (кои се извор на правото и за домашните јавни обвинителства и судови), лице што прекршочно одговара не може за истото дело да биде и кривично гонето.

Порталот додава и дека веќе три дена немаат одговор од МВР или Град Скопје за тоа дали се презема нешто во насока на построга казна за арачиновецот што си го присвои плоштадот сосе украси, притоа со потенцијал да ја загрози безбедноста на граѓаните кои се најдоа на местото на настанот во надеж дека ќе почувствуваат барем малку новогодишна атмосфера.

ОБНОВЕНО: „А1он“ пишува: По најавата од Шилегов, Градот се иззема од кривичното гонење на возачот кој влета на плоштад

- Реклама -