Видео од дивеење на плоштадот „Македонија“ ги разгори социјалните мрежи, предизвикувајќи гнев, но и загриженост за безбедноста на граѓаните.
Како што може да се види од снимката, автомобил марка „Бентли“ со голема брзина прелетува под новогодишниот декоративен тунел кој е атракција токму за граѓаните кои го посетуваат плоштадот за да ја почувствуваат новогодишната атмосфера. Додека возачот на „Бентли“-то нагазува, пешаците, исплашени, панично се тргаат од патот, се гледа од видеото.
Како што пренесе „А1он“, видеото е објавено на социјалната мрежа „Тик Ток“, од профил со име „Бурим Харачина“.
Иако порталот посочи дека во меѓувреме видеото е острането (всушност беше означено како „приватно“), оригиналното видео не само што повторно е достапно, туку околу 19 часот и 30 минути се појави и ново, на кое извесно машко лице (веројатно сопственикот на профилот) вози… погодувате… Бентли. На профилната слика, патем, делумно се гледа и неговата регистарска табличка.
15-тина минути подоцна, МВР на Фејсбук соопшти дека возачот е фатен, а се работи за Б.А. од скопско Арачиново. Според Министерството, тој бил пронајден и санкциониран околу 19 часот (што алудира дека Бурим второто видео го објавил откако бил фатен??).
Од МВР порачуваат дека и во наредниот период најостро ќе ги санкционираат сите кои ќе го нарушат јавниот ред и мир и ќе ја загрозат безбедноста на граѓаните.
@burimharacina♬ suono originale – Eliona Pergjoni