Арачиновецот со „Бентли“-то казнет со 45 евра, „во Скопје никој не е над законот“ – вели Шилегов

„Во Скопје никој не е и никогаш нема да биде над законот!“, порача скопскиот градоначалник Петре Шилегов, објавувајќи го записникот од МВР за дивеењето на арачиновецот Б.А., потпишан на социјалната мрежа „Тик Ток“ како „Бурим Харачина“.

Шилегов, воедно, изрази и благодарност до МВР и министерот Оливер Спасовски за брзата реакција.

„Харачина“, како што може да се види од видеото кој самиот го објави на споменатата социјална мрежа, ги исплаши и потенцијално ја загрози безбедноста на граѓаните кога со своето „Бентли“ со голема брзина помина под новогодишниот тунел, кој е една од главните атракции за посетителите на плоштадот „Македонија“, потсетувајќи, притоа, во помала или поголема мера, на немили сцени од изминативе години низ Европа, кога на сличен начин беа извршени терористички напади токму за време на новогодишните и божиќните празници.

За ова негово самоволие, како што се гледа од записникот објавен од Шилегов, возачот е казнет според членот 187 став 6 од Законот за безбедност во сообраќајот, кој гласи:

„Јавните патишта се обележуваат со пропишани сообраќајни знаци, со кои на учесниците во сообраќајот им се соопштуваат ограничувања, забрани и обврски. Мандатен платен налог со глоба во износ од 45 евра во денарска противвредност во мандатна постапка ќе му се издаде, односно ќе му се регистрираат 25 негативни бода согласно со одредбите од овој закон, на учесник во сообраќајот кој постапува спротивно на одредбата од ставот (3) на овој член“.

- Реклама -