„Во Скопје никој не е и никогаш нема да биде над законот! Благодарност до МВР и министерот Оливер Спасовски за брзата реакција“, порача вчера скопскиот градоначалник Петре Шилегов, објавувајќи го, притоа, записникот од МВР во кој се гледа дека возачот Б.А. од Арачиново, на „Тик Ток“ потпишан како „Бурим Харачина“, за потенцијалното загрозување на безбедноста на граѓаните на скопскиот плоштад ќе плати смешна казна од 45 евра.
Прашан за настанот, со свој став се огласи и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. И тој, како и Шилегов, смета дека е позитивно тоа што полицијата веднаш постапи по објавеното видео. Но Спасовски, исто така, е согласен и со граѓаните, кои својот револт буквално го истурија на социјалните мрежи (што во форма на гневни реакции, што во наплив од креативни досетки), дека казната за возачот на „Бентли“-то е премала. Според министерот, овој пример покажува дека е време да се размислува за измени во Законот и зголемување на казните, односно за подрастични казни кои би ги одвратиле сторителите:
„Имаме такви неодговорни граѓани кои се однесуваат најблаго речено бахато во едни такви услови да се движат по плоштад и тротоари да паркираат кај ќе им текне. Важно е дека полицијата веднаш постапува. Не е доволна казната за возачот. Тука треба да се размислува, да има казни кои би биле подрастични. Не се времињата во кои некој така може да се однесува на плоштадот“, рече Спасовски.