Она што сега го бара Бугарија се всушност ветувања што премиерот Зоран Заев ги ветил на бугарската страна уште во 2016 година, тврди лидерот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски.
„Сум разговарал лично на оние состаноци во Европската народна партија со бугарски политичари кои што се дел од таа европска партија и тие мене ми имаат цитирано дека ова што денес го бараат е практично ветување од Зоран Заев уште од 2016-та година, пред тие избори. Уште тогаш е ветувањето – вие поддржете ме да направам Влада и не се секирајте, сѐ ќе решиме. Еве ви го кажувам и тие луѓе сега си го бараат ветеното“, рече Мицкоски во гостувањето во „Само интервју“ на „Канал 5“.
Во емисијата, Мицкоски сподели уште една сочна, како што ја нарече, екслузивна информација:
„Да го прашаме министерот за надворешни работи – Бујар Османи, дали е точно дека барањето од страна на неговата колешка (Захариева) било практично да се потпише нов договор кој ќе биде сличен на Преспанскиот со уставни измени, каде ќе се дефинира постоењето на македонската нација и јазик од 1945 година наваму, а пред 1945-та дека сме биле нешто друго. Еве, да го прашаме дали ова е точно и дали е ова услов за понатамошно продолжување на преговорите“, посочи Мицкоски.
Во меѓувреме, од порталот „Плусинфо“ го побарале шефот на дипломатијата за да го прашаат за информацијата од Мицкоски. „Не можам да коментирам шпекулации“, одговорил Бујар Османи преку СМС порака, за и во следната, откако му посочиле дека се работи за изјава на лидерот на опозицијата, повторно да не открие ништо повеќе, со став дека веќе одговорил.
Во интервјуто, инаку, Мицкоски додаде и дека проблемот со Бугарија не се однесува на Гоце Делчев, на што всушност неодамна потсети и шефицата на бугарската дипломатија, и дека сите тие проблеми треба внимателно да се следат и на нив да се реагира.
Мицкоски потенцираше и дека историчарите се само едниот фронт на кој се води битката, додека другиот се недозволивите политички егзибиции и политички инженеринг кој го прави Зоран Заев. Според Мицкоски, таквото однесување на премиерот од самиот старт ги загрозило шансите на Македонија за европска перспектива и на истото мора да му се стави крај.
Извор: Прес 24