
Денес имаме конкретни податоци за растот на откупот и продажбата на земјоделското производство, согласно кварталните извештаи за 2025 година. Ова го истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, во емисијата „Наткаст“. Според извештаите за примарните земјоделски производи и нивните преработки, можеме да видиме дека сме фокусирани на извоз и дека бележиме значително зголемување во овој сектор, потврди министерот.
Тој нагласи дека нашата земја повеќе не е зависна од увоз на свежа храна. „Морам да ја споменам и кампањата „Македонско најдобро“, која ќе продолжи и во иднина. Неа ја користиме за да ја подигнеме свеста кај потрошувачите за важноста на купувањето домашни производи“, додаде министерот Трипуновски.
Во однос на тутунопроизводството, министерот истакна дека состојбата е многу подобрена, со значителен раст во производството и рекордна откупна цена. „Оваа година, просечната откупна цена изнесува 419 денари за килограм, во споредба со ланската, која беше 400 денари. Страната на цените, кои претходно се движеле помеѓу 160 и 250 денари, сега е речиси двојно повисока. Исто така, интервентно ја зголемивме субвенцијата за прва категорија тутун од 80 на 100 денари, за да го стабилизираме секторот“, кажа министерот.
Со овие мерки, оваа година се откупени 26 милиони килограми тутун, што е значителен пораст во однос на 2024 година, кога беа откупени околу 15 милиони килограми.



