Успешен прв пробен лет, почеток на услугата во 2026 година (ВИДЕО)

2

Жителите на Дубаи наскоро ќе имаат можност да избегнат сообраќајните метежи и да патуваат со летечко такси. Компанијата Joby Aviation успешно го изведе првиот пробен лет на своето целосно електрично летачко возило, што е значаен премин во амбициозниот проект на градот за воведување на воздушен транспорт во својата мобилна мрежа.

Патувањето од аеродромот во Дубаи до островот Palm Jumeirah, кое со автомобил трае околу 45 минути, со летечкото такси ќе биде скратено на само 12 минути, најавуваат од компанијата.

Реклама

„Наша цел е да го трансформираме начинот на кој луѓето патуваат до своите работни места“, изјави Ентони Кхури, генерален директор на Joby за Обединетите Арапски Емирати.

Иако првичната понуда на летечките такси услуги ќе биде наменета за патници со повисоки приходи, токму тоа е првиот чекор кон создавање јавен превоз достапен за сите.

„Како и со секоја иновација, оваа фаза ќе биде поексклузивна“, додаде Кхури.

Демонстрацискиот лет се одржал на оддалечена пустинска локација југоисточно од Дубаи. Леталото, тип eVTOL (електричен авион со вертикално полетување и слетување), успешно полетало вертикално, прелетало неколку километри и на крајот слетало.

Летечкото такси е способно да лета до 160 километри со брзина од 320 км/ч, нуди нулта емисија и е дизајнирано да функционира во урбани услови со минимално дејство на бучава.

Комерцијалната услуга се очекува да започне во 2026 година, со поставување на четири првични „вертипорти“ на клучни локации: Меѓународниот аеродром во Дубаи, Palm Jumeirah, центарот на градот и Dubai Marina.