ФФМ потврди: Гоце Седлоски повеќе не е селектор на Македонија

ФФМ потврди дека Гоце Седлоски не е повеќе селектор на А-репрезентацијата на Македонија, откако во десет средби забележа два нерешени меча и само еден даден гол.

0
ФФМ потврди: Гоце Седлоски повеќе не е селектор на Македонија (МКД.МК)
Фото: Ivan MKD

Фудбалската федерација на Македонија потврди дека Гоце Седлоски не е повеќе селектор на А-репрезентацијата.

Седлоски од функцијата заминува со максимален број порази во Лигата на нации. Во десет средби колку што ја водеше репрезентацијата, имаше само два нерешени меча и само еден даден гол.

Реклама

„Понекогаш во фудбалот, без оглед на искуството, посветеноста и добрите намери, работите едноставно не се одвиваат онака како што сите посакуваат. Сметаме дека во овој момент е најдобро разделбата да биде во интерес на репрезентацијата, но и на Гоце Седлоски, без дополнителен притисок и негативни коментари кои не треба да бидат товар за човек кој оставил длабока трага во македонскиот фудбал.

Гоце не е само селектор кој ја предводеше репрезентацијата во еден период. Тој е еден од најтрофејните македонски тренери, легендарен капитен и човек кој со години е дел од историјата и развојот на нашиот фудбал.

Можеби моментот во кој ја презеде репрезентацијата не беше идеален. Можеби високите очекувања, наспроти реалноста, околностите и резултатите не се поклопија со она што сите го посакувавме. Но, тоа не ја менува неговата заслуга, ниту придонесот што го има дадено за македонскиот фудбал.

ФФМ му се заблагодарува на Гоце Седлоски за досегашната работа, посветеноста и професионалниот однос. Веруваме дека неговото искуство, знаење и љубов кон македонскиот фудбал и во иднина ќе бидат ставени во служба на нашиот фудбал, клупски или репрезентативен.

Резултатите се дел од фудбалот. Почитта кон луѓето кои го задолжиле треба да остане и по последниот натпревар“, стои во соопштението на ФФМ.