Левица: Османи да се одважи да реагира за иредентистички пораки со „Голема Албанија“ од Косово

Фото: Левица

„Претседавачот во заминување на ОБСЕ Бујар Османи, да се одважи на иредентистичките пораки испратени од Косово, по повод прославата на формирањето на КБС (Косовските безбедносни сили). КБС, кои се формирани со кршење на резолуцијата 1244 на Обединети Нации и газење на меѓународното право, што не им дава никаков легитимитет, го ‘прославуваа празникот’ со амблеми на Голема Албанија, кои вклучуваат речиси половина од територијата на Република Македонија!“, побараа од политичката партија Левица.

„Овој државен непријателски чин од страна на делумно признаената држава Косово е направен во присуство на Претседателот Курти и Премиерката Османи, што дава целосно право истиот да се толкува како територијална закана. Дополнително, потсетуваме дека ваква порака беше испратена и во Тетово, кога градоначалникот Касами заедно со Курти вееје знаме на Голема Албанија, а целиот случај помина речиси несанкционирано.

Премолчувањето на овие, но и на бројни други инциденти, како и скандалот кога Министерот Османи, наместо за интересите на Македонија, бараше од Шпанија да ја признае независноста на Косово, не само што оправдува и поддржува иредентистичка политика, туку го прави и заговорник и борец за великоалбанската идеја, додека седи во фотелјата на македонското МНР и ужива во привилегиите платени од џебот на македонските граѓани“, велат од партијата.

„Бараме за овој непријателски чин итно да се испрати протестна НОТА, да се известат меѓународните организации и да се побара јавно извинување од косовските власти кон Македонија пред меѓународната заедница. Во спротивно, улогата на Османи нема да може да се толкува како нешто друго, освен како на заговорник на великоалбанската идеја, која го нарушува суверенитетот на Македонија“, констатираат од Левица, додавајќи дека за пораките со територијални претензии од Косово очекуваат и соодветна реакција од министерката за одбрана на, како што велат, „земјата членка на НАТО“ – Славјанка Петровска.

- Реклама -