Лефков: ВМРО-ДПМНЕ ќе се откаже од техничка влада, само ДУИ да нема технички премиер

„ВМРО-ДПМНЕ, како најодговорна политичка партија кон граѓаните и државата е спремна да се откаже од техничка влада, само ДУИ – дувлото на криминалот, да нема технички премиер“, порачаа денеска од најголемата опозициска партија, откако тоа вчера го изјави лидерот на партијата, Христијан Мицкоски, во „Само интервју“.

„ДУИ со месеци е во епицентарот на сите криминални скандали кои ја тресат Македонија; партија во која не остана неискомпромитиран и некриминализиран кадар не може да го даде техничкиот премиер на државата“, изјави Миле Лефков, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, на партиска прес-конференција.

„Од Артан Груби и дуќаните на брат му, хотелите на Шапка, и коцкарските закони, до милионските кирии кои ќе ги плаќа Лотарија, до најкриминалниот политичар во Македонија. Бујар Османи кој сака да остане во ракавици е фатен како дава милионски тендер на партиски донатор на ДУИ. Семејството на Ахмети плива во бизниси и милионски зделки.

ДУИ е партија која е поим за незаконско работење. Најнов пример за тоа е и непријавениот имот на директорот на Градежниот инспекторат Фатмир Арифи, кој фатен во незаконско постапување ги обвини вработените во инспекторатот затоа што тој не го пријавил имотот. Или поедноставено, кабелот е крив повторно“, наброја Лефков.

Прочитајте и:  СДСМ: Наместо да и честитаат на Шекеринска, Сиљановска и ВМРО-ДПМНЕ избраа да бидат „мали“ во момент кога Македонија е голема

Од ВМРО-ДПМНЕ ја отфрлаат тезата (на ДУИ) дека критиките кон нив се критики кон Албанците. Напротив, од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека ДУИ е таа што е штетна за Албанците.

„Кога ќе сакаат да се вадат низ призмата ‘Албанците се нападнати’, нека си признаат дека Албанците 7 години по ред ги напаѓаат токму тие, зошто заради нив Албанците се иселуваат исто како и Македонците. Мајките, сопругите и децата, Албанки исто како и Македонки плачат за своите најмили кои заради нив морале да се иселат од Македонија“, рече Лефков.

Тој истакна и дека е важно да се нотира и дека техничките влади се, како што рече, крајно неефикасни и нефункционални, а како примери ги наведе случаите во 2016-тата и во 2020-тата, кога, како што посочи Лефков, граѓаните имаа повеќе штета отколку корист од техничка влада.

„Време е Македонија да има функционални влади. Граѓаните и државата не треба да ја плаќаат цената на политичките пазарења“, заклучи Лефков.

- Реклама -