Официјално: Зеленски од САД ќе се врати со воена помош од 1.85 милијарди долари, вклучително и ракетен систем „Патриот“

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска, со  американски авион, отпатува во посета на Вашингтон, каде ќе се сретне со американскиот претседател Џо Бајден, но и ќе се обрати пред Конгресот. Тоа е негово прво патување надвор од Украина, барем колку што е познато во јавноста, од почетокот на руската инвазија.

Како што изјави неговиот советник, Михајло Подољак, Зеленски во Вашингтон ќе бара „оружје, оружје и уште оружје“.

Најавите дека тоа и ќе го добие – воена помош од 1.8 милијарди долари која ќе вклучува и противвоздушен ракетен систем „Патриот“ – предмалку и официјално ги потврди државниот секретар на САД – Ентони Блинкен.

Како што соопшти Блинкен, САД на Украина ќе ѝ испратат пакет воена помош вреден 1.85 милијарди долари кој за првпат ќе вклучува и ракетен систем „Патриот“. Според него, воената помош од 1 милијарда долари треба да ѝ овозможи на Украина „помоќна противвоздушна одбрана и капацитети за прецизни воздушни удари“, а останатите 850 милиони долари се „безбедносна помош“.

Пакетот, како што рече Блинкен, покрај оружје и муниција, вклучува и „критична опрема“ која Украина „исклучиво ефикасно“ ќе ја искористи за да се одбрани на бојното поле.

Прочитајте и:  Кирби: Заканите од Москва за противракетната база во Полска треба да се сфатат сериозно иако се неодговорни и неразумни

Новиот пакет помош доаѓа во моменти кога „Кремљ се обидува, но не успева да ја избрише Украина од картата“, а сега сака „да ја претвори зимата во оружје“ со напади на енергетската инфраструктура, изјави Блинкен.

За потсетување, американскиот ракетен систем „Патриот“ се одликува со голем домет и важи за златен стандард во противвоздушната одбрана.

„Денешниот пакет по прв пат вклучува систем ‘Патриот’, кој може да пресретнува и соборува крстаречки проектили, балистички проектили со краток домет и воздухоплови на многу поголеми височини од претходно испратените системи за противвоздушна одбрана“, истакна Блинкен, кој повтори дека САД ќе продолжат да ја поддржуваат Украина колку и да ѝ е потребно, за да може, како што рече, Киев „да продолжи да се брани и да биде во најдобра можна позиција за преговори кога за тоа ќе дојде време“.

- Реклама -