„Ништо не е готово, заедно ќе победиме“, изјави на прес-конференција, веднаш по изгласувањето на предлог-преговарачката рамка во Собранието, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски, со порака дека нема да поминат уставните измени.
ВМРО-ДПМНЕ е гаранција за тоа, порача Мицкоски презентирајќи купче документи, односно изјави заверени на нотар од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, со кои се обврзуваат дека нема да гласаат за промена на Уставот.
„Вкупно 44 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата како гаранција кон народот заверија на нотар изјави дека со мирна совест и здрава свест нема да прифатат промена на Устав“, рече Мицкоски.
„Нема отстапување ниту милиметар од ова, нема чекор назад бидејќи зад нас е сè што имаме, нашето достоинство, чест, и нашата Македонија“, рече тој.
Мицкоски потенцираше дека секојдневните протести не беа негова или борба на ВМРО-ДПМНЕ, туку борба на народот против францускиот предлог и бугаризацијата. Воедно, тој им се заблагодари на граѓаните:
„Сакам со особено чувство на гордост да му се заблагодарам на народот кој масовно и во огромен број излезе на улиците и со денови беше тврдина на непокор. И покрај сите напади, притисоци, излезе и не отстапи“, додаде лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Во однос на денешните случувања во Собранието, Мицкоски ги опиша како срам за државата.
„Ова е комплетирање на вториот дел од предавството на Заев. Предавството ќе биде немирната совест со која мора да живее секој пратеник и член на Владата што го поддржаа овој предлог. Ќе помине сѐ и за неколку години повторно ќе треба да го погледнат народот во очи на улица. Фокусот им е на гола борба за фотелја. Не заборавија да крадат, тендери, анекси, ама народот и Колицијата на ВМРО-ДПМНЕ е тука да ги потсети за предавството, и ударот кон државата“, оцени Мицкоски, посочувајќи дека идната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе има тешка задача да ги исправи грешките на актуелната власт, но и да го врати украденото, а оваа гарнитура да одговара за стореното.
На новинарско прашање, Мицкоски меѓу редови порача и дека барем уште неколку десетици години останува во политиката.