МНР ќе провери дали е автентична изјавата на Закаријаш и соодветно ќе реагира, португалскиот предлог останува добра основа – вели Заев

МНР ќе ја провери автентичноста на изјавата и соодветно на тоа ќе реагира, изјави премиерот Зоран Заев, прашан дали и по изјавата на државната секретарка на Португалија за европски прашања – Ана Паула Закаријаш (која безмалку со бугарска реторика истакна дека „јазикот на Северна Македонија некогаш бил дел од бугарскиот“ и дека „не треба да се внесуваат спорови во ЕУ“), сѐ уште смета дека португалскиот предлог е добра основа за решение со Бугарија.

„Португалскиот предлог е јасен и навистина е добра основа за двете страни за решението. Португалскиот предлог нуди решение, но не зазема страни внатре. Во самиот португалски предлог, во преговарачката рамка е решението ‘преводот на аки-то ќе биде на македонски јазик’. Секако, имаат изјави и двете страни, и нашата и бугарската, кадешто веројатно министерката направила толкување за бугарски медиуми или слично, за кое нешто ќе провериме денеска преку стручните служби во МНР за автентичноста на тоа што е кажано и МНР соодветно ќе реагира во јавноста“, рече Заев.

Тој инсистира дека португалскиот предлог е добра основа затоа што предвидува дека во преговарачката рамка аки-то ќе биде преведено на „македонски јазик“.

Прочитајте и:  Македонија и ЕУ потпишаа Договор за партнерство за безбедност и одбрана

„Затоа сме кажале, за нас е добра основа заради тоа што… нормално, откако заврши самитот на ЕС, ние веќе дадовме и длабински коментари за португалскиот предлог во мои изјави, во изјавите на нашиот министер за надворешни работи Бујар Османи, каде што неколку пати кажавме во тој предлог, секако, и како што е конструирана преговарачката рамка, доколку се донесеше, нормално, одлуката… таму стои ‘Translation of the Aki will be in Macedonian language’ и ги има унилатералните изјави на Северна Македонија и Бугарија, си имаат тие свое толкување.

Знаете дека до ден денес со Бугарија имаме билатерален реципроцитетен договор со којшто потпишуваме договори, одредени меморандуми и спогодби на коишто стои дека тоа е ‘бугарски јазик согласно Уставот на Република Бугарија’ или ‘македонски јазик согласно Уставот на Република Северна Македонија’. Тоа е билатералниот дел којшто го имаме со Бугарија.

Така што, ќе ја проверат прво автентичноста на изјавата од МНР и ќе дадат свој коментар, но еве, јас тоа што недвојбено можам да го потврдам и да го кажам е токму тоа“, одговори Заев.

- Реклама -