Португалија со тон разбирање за позицијата на Бугарија: „Јазикот на Северна Македонија некогаш бил дел од бугарскиот“ и „не треба да се внесуваат спорови во ЕУ“

Државната секретарка на Португалија за европски прашања – Ана Паула Закаријаш, на два дена пред ротационото претседателство со ЕУ да го предаде на Словенија, изрази надеж дека парламентарните избори во јули во Бугарија ќе доведат до изнаоѓање на решение за ветото на Бугарија за почеток на преговорите на земјава со ЕУ. Закаријаш очекува дека Словенија, како земја од истиов регион, ќе помогне во изнаоѓањето на решение, но истовремено порача и дека бугарската позиција треба да се почитува и дека не треба да се внесуваат спорови во Унијата.

Во разговор со новинари во Лисабон, одговарајќи на прашање на кореспондентот на Бугарското национално радио (БНР), Закаријаш ја оцени „дебатата“ како „посебно тешка за Бугарија“, посочувајќи, меѓу другото, дека македонскиот јазик некогаш бил дел од бугарскиот.

„Тоа е многу тешка дебата, особено за Бугарија, поврзана со историјата, културниот идентитет на двете земји, како и со идната соработка. Во моментов тие работат на нешто како патоказ кој ќе им помогне да соработуваат, а за Бугарија ќе понуди гаранции дека кога Северна Македонија ќе влезе во ЕУ, нештата ќе течат помазно. Северна Македонија помина низ тешки преговори со Грција – сетете се дека тоа го промени името на државата. Но е многу тешко, зашто тоа е поврзано и со Бугарија како култура и јазик. Очигледно, поврзано е со јазикот на Северна Македонија, кој некогаш бил дел од бугарскиот јазик и културните димензии на двете земји. Во Бугарија ќе има нови избори на 11 јули и јас мислам дека бугарските власти ќе ги очекуваат резултатите од нив пред да решат како да дејствуваат“, изјави Закаријаш, пренесува БНР.

БНР потенцира дека Закаријаш како „важен момент“ го карактеризирала невнесувањето билатерални спорови во ЕУ (што се совпаѓа со бугарската реторика дека со ветото ја штитат ЕУ од внесување нови проблеми):

„Ние треба да ја почитуваме бугарската позиција и го направивме тоа. И важно е во ЕУ да не се внесуваат спорови и проблеми меѓу две држави. Сакаме тие да се решат пред дадената земја да се приклучи во Европската унија. Затоа не можевме да започнеме, зашто беше потребно да ѝ дадеме време на Бугарија да го реши тоа со Северна Македонија пред свикувањето на меѓувладината конференција“, рече државната секретарка на Португалија.

Според Закаријаш, португалските напори биле балансирани затоа што и врз Бугарија бил извршен притисок за наоѓање на компромис.

„Тука има баланс така што ние извршивме притисок и врз Бугарија, затоа што на маса поставивме добар предлог – да биде разгледан, да се види дали може да проработи. Исто така работиме и со Северна Македонија и се обидуваме да видиме дали доаѓа моментот во кој ќе постигнеме согласност по прашањето. Но, тој притисок сепак има граници“, рече таа.

Прашана дали е реално изборите да ја променат бугарската позиција за која има широк консензус во општеството, како и на новинарската забелешка дека „Бугарија не е против европската перспектива на Северна Македонија, туку едноставно сака да запре антибугарската реторика и мешовитата историска комисија да ги обнови состаноците“, Закаријаш одговори дека „не бил соодветен моментот“:

„Чувствувам дека моментот не беше соодветен. На Бугарија ѝ требаше повеќе време за да ги дискутира овие прашања. Независно дали ќе има избори или не, сметам дека преговорите со Северна Македонија треба да продолжат, особено во однос на патоказот, кој треба да е јасен. И двете страни се обидуваат да ја изразат својата позиција – Бугарија отсекогаш изјавувала дека не е против членството на Северна Македонија во ЕУ, туку напротив – сака да е таму. Но додава дека треба да има јасност во некои аспекти. Затоа понекогаш е потребно повеќе време, повеќе претпазливост и дебатите треба да продолжат. Сигурна сум дека нашите колеги од Словенија, кои се од истиот регион, сигурно можат да го поддржат тој процес и со сите сили да помогнат за негово придвижување напред. Мислам дека и Бугарија и Северна Македонија ги ценеа нашите напори. Но, помеѓу балансот на притисокот – кој го правиме, и разбирање на ситуацијата – кое треба да се постигне, неопходно е време. Како претседателство сакавме да ја штиклираме таа точка, но треба да ги разбереме позициите“, изјави Закаријаш.

- Реклама -