По Мицкоски и Заев шири омраза кон Бугарија, нема многу разлика меѓу нив – вели европратеникот Ковачев по објавата на Заев за Марко Цепенков

„Пред неколку дена опозицискиот лидер Мицковски излезе со ‘несоборлив доказ’ – натпис од 1903 година. Сега премиерот Заев оди гордо чекор понапред, објавувајќи слична порција манипулации и подбишега со починати луѓе“, реагира бугарскиот европратеник Андреј Ковачев по повод објавата на премиерот за 100 години од смртта на Марко Цепенков.

Според Ковачев, тоа Заев го прави „заради едни проценти“ (појасно ќе ви стане понатаму во текстот на што алудира).

„Но, за жал, тоа го прави на основата на омраза кон Бугарија. Тоа тие го нарекуваат ‘европски вредности’ и се жалат од нас бидејќи не ги поддржуваме во тоа ‘високоетичко делување’. Ете, тоа е реалноста“, пишува Ковачев за постот на Заев.

А еве што напиша премиерот Заев:

„Денеска се навршуваат 100 години од смртта на Марко Цепенков, собирачот и чуварот на македонската колективна меморија испеана и запишана во неисцрпното народно творештво.

Цепенков запишал повеќе од 5.500 пословици и поговорки, 800 приказни, 150 песни, 100 гатанки, 400 верувања и клетви, 300 благослови, 350 баења, 2.900 соништа и нивни толкувања, 70 детски игри, јазичен и етнолошки материјал составен од речнички податоци, описи на занаети, обичаи, обреди…

Засекогаш незаборавна ќе остане неговата интерпретација на приказната ‘Силјан Штркот’, како и неговото драмско дело ‘Црне Војвода’ што го прави Цепенков и бележит прозаист.
Неговото собирачко дело е од непроценливо значење за македонската фолклористика, етнографијата, лингвистиката и за нашата национална историја“.

Пред неколку дена, Ковачев реагираше и на постот на Мицкоски, кога лидерот на ВМРО-ДПМНЕ објави статија од Њујорк тајмс во која весникот известува за смртта на „македонскиот лидер Гоце Делчев“.

„Вчудоневиден сум од нивото на искомплексирани политичари крај Вардар кои мислат дека го докажуваат ‘македонскиот идентитет’ на Гоце Делчев преку споделување на написот од 26 мај 1903 година, каде пишува дека е убиен македонскиот лидер“, напиша тогаш Ковачев, притоа и самиот повикувајќи се на напис објавен две седмици претходно (на 11 мај 1903 годин) во истиот весник, каде за смртта на Гоце Делчев се вели дека е убиен „бугарскиот револуционерен лидер“.

Според Ковачев, во тоа време на целиот свет му било познато дека под поимот „македонски“ се подразбира географското значење, а не етничко. Според Ковачев, тоа го знаат и македонските политичари, но лажат заради политички добивки.

„Македонци се сите што живееле во географската област Македонија – етнички бугари, турци, грци, албанци, власи итн.“, тврди европратеникот.

Тој додава дека голема разлика меѓу власта и опозицијата во Македонија нема – и двете ширеле омраза против Бугарија:

„Жално е што продолжуваат со тие смешни ‘докази’ и допринесуваат за уште повеќе омраза и разединување. Тоа го нарекуваат ‘европско однесување’. Голема разлика меѓу сегашната власт и опозиција нема. Се натпреваруваат кој поголема лага да каже и повеќе омраза кон Бугарија да генерира, за да заработи некој процент повеќе од горе“, вели Ковачев, алудирајќи дека и Заев и Мицкоски постапуваат по инструкции или за да му се додворат на Белград.

„А, да не заборавам, Бугарија е виновна за сѐ. Лошата Бугарија, која е лоша без оглед што и да прави – 30 години беше добра и помагаше со сѐ – многу лошо, сега ‘си дозволува’ да поставува услови, многу лошо…“, пишува бугарскиот пратеник во европскиот парламент во обид да биде саркастичен.

- Реклама -