Заев: Европската унија се посипа со пепел

„Оптимизмот го негуваме континуирано и продолжуваме така, затоа што и креирањето на политиките ни е такво“, рече премиерот Зоран Заев во денешното гостување во „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“, прашан дали сето ова со Бугарија можеше подобро да се предвиди, со оглед дека Владата иницираше голем оптимизам, па сега и разочарувањето е поголемо.

„Вчера реков, ние сме градители, градиме пријателство. Ние не правиме штета на регионот, немаме претензии, ние сме мирољубив народ, политиката на државата е навистина европска. Држиме убави европски лекции од овде, од кандидатскиот Западен Балкан, така да кажам, коишто богами и недостасуваат во модерна Европска Унија во контекст на дебатата за буџетот, Полска, Унгарија и слично. И продолжуваме во тој дел“, истакна премиерот.

Тој посочи дека резервите ги најавил уште на 11 октомври, кога изјави дека народот треба да е подготвен за можноста дека годинава нема да започне првата Меѓувладина конференција. Таквата резерва, посочи Заев, ја имал „знаејќи до каде се оди во делот на барањата од нашиот источен сосед – пријателска Бугарија“.

„И реално кога ги видов стојалиштата во тој момент, моја должност прва е, тоа го почувствував, веднаш да го споделам со граѓаните. Ние правевме сѐ, правевме сѐ во рамките на тоа што е дозволиво, нормално. И вчера реков, нашиот македонски народ, македонски идентитет, се наше право на самоопределување. Европа мора да остане на своите фундаментални европски вредности, а тоа е да ги негува сите идентитети на европскиот континент. Ние овде го негуваме целиот европски идентитет, должност на Европа е да го негува и нашиот македонски идентитет“, додаде тој.

Во преговорите со Бугарија, имало низа предлози што биле прифатливи за бугарската страна, посочи исто така премиерот:

„Во делот на изнаоѓањето на решенија со Бугарија разговаравме за тоа што впрочем и Бугарија го коментира – дека не е доволно реализиран Договорот за пријателство, дека не е динамиката соодветна. Направивме акционен план, направивме динамики како тоа да се решава, одредени клаузули ги предложивме во функција на меморандум, изјава, декларација, протокол или слично, за да може да ги интензивираме. Тоа Бугарија не го отфрли, впрочем е прифатливо. Тука се и акции во делот на спречување на говорот на омраза, делот на имплементација на (решенијата на) комисијата во делот на учебниците во Бугарија и во Северна македонија, на наративи коишто градат пријателство низ историските ликови – сето тоа е вградено“.

Според Заев, во последните денови и недели, Бугарија повеќе била фокусирана на напорите кон Европа и внесување на нејзините барања во Преговарачката рамка за земјава, кои ЕУ ги одби:

„Европа не може да дозволи да има Поглавје 35 со работи што не се дозволиви“, коментира Заев.

На констатацијата дека – со одбивањето бугарските барања да бидат вклучени во формалниот процес, односно во Преговарачката рамка – Бугарија е голем губитник во целата ситуација, вклучително и затоа што останува осамена, Заев сепак посочува дека нашиот источен сосед ќе претрпи најмалку штета од своето вето:

„Знаете како… Да, губитник е Бугарија, ама губитник е и Северна Македонија. На крајот на денот, најголем губитник е Европската унија, затоа што се посипа со пепел. Значи еве, ги собравме сите европски награди, во понеделник имам нова награда, потоа уште една, повторно за европско лидерство, за човекови права, за европски вредности – такви се наградите. Значи, нашите политики се верифицирани, пред сѐ од европските институции, Европската унија. И сега, навистина, се сведува на тоа што го кажувам секаде; Направивме Договор за пријателство, прифативме заедничка историја внатре за да можеме да градиме заедничка иднина – покажавме европски вредности. Ги решивме меѓуетничките прашања дома, го затворивме Охридскиот рамковен договор – покажавме европски манири. Со Преспанскиот договор направивме историски исчекор во духот на европските вредности и европските манири. И дојде Европа да покаже европски вредности – и, фалираше. Значи тоа е проблем со Европската унија“, рече премиерот.

Сепак, тој и во оваа прилика се заблагодари на сите земји-членки за тоа што, како што рече, останале на своите принципи и сите 26 членки се едногласни во тој дел. Посебна благодарност изрази до Германија, како претседавач со ЕУ, и нејзините целосни напори во тој правец.

Во меѓувреме, патот останува ист, категоричен е Заев:

„Како што реков и вчера во обраќањето до нацијата, и денеска потврдувам: Патот е тој. Друг пат нема, но секако, гледате, испишани се црвените линии, се знае до каде е воопшто возможно да се оди“, порача премиерот.

- Реклама -