Што би рекол Галилео – „сепак се жените“.
Кога се работи за возењето, понежниот пол е апсолутен победник. Колку и да е популарно спротивното мислење, ова е неодамна потврден факт.
Според новата студија под капата на Privilege Insurance, дамите се тие што подобро се снаоѓаат зад воланот. 50 мажи и 50 жени биле тестирани во самите автомобили, а уште 200 биле набљудувани додека возат. Сите испитаници биле оценувани во 14 различни категории, во период од еден месец.
Студијата покажа дека само 1% од жените имаат навика „да пресечат“ други возачи во сообраќајот, додека кај мажите овој процент е дури 15 отсто. 16% од жените користеле мобилен додека седеле зад воланот, а кај мажите бројот повторно е поголем – 24%. Но жените водат и во поважните категории, како адекватното користење на ретровизорите или адекватната брзина при ризични ситуации. Земено генерално, жените во просек имале 23.6 поени од можни 30, додека мажите имале само 19.8 поени.
Нил Бесон, инструкторот по возење кој ги организираше тестовите за Privilege и самиот е изненаден од резултатите, особено што според неговото искуство мажите се обично подобрите ученици и обично имаат подобри резултати за време на часовите по возење. Но, како што и самиот вели, фактите не лажат. Очигледно е дека некаде во меѓувреме жените ги достигнале и престигнале мажите, меѓу другото благодарение и на подоброто прифаќање на информациите и знаењата што се однесуваат на управувањето на автомобил. „Мажите конечно треба да им ја дадат заслужената почит на жените, кога се работи за возење“, вели Бесон.