Зеленски: Не планираме да ја нападнеме Русија

Киев не планира да ја нападне територијата на Русија, изјави денеска украинскиот претседател Володимир Зеленски.

„Знам дека луѓето во САД или некој во Белата куќа вели дека би можеле да ги искористиме американските повеќенеменски ракетни системи за да ја нападнеме Русија. Видете, ние немаме планови да ја нападнеме Русија. Ние не сме заинтересирани за Руската Федерација и не се бориме за нивната територија“, рече Зеленски во интервју за американската телевизија „Њузмакс“.

Тој посочи дека Украина не е подготвена да отстапи ниту еден дел од својата територија, бидејќи во прашање е нејзината независност и суверенитет, пренесува Тасс.

Зеленски во интервјуто за „Њузмакс“ додаде дека, сепак, има проблеми околу одредени територии и оти може да се разговара за детали.

„Неопходни се преговори за да се решат овие проблеми и предизвици преку дипломатски канали“, рече Зеленски.

По неколкудневен пинг-понг од информации и деманти дека САД на Украина ќе ѝ дадат оружје со долг домет што може да погоди и цели во Русија, како што се MLRS ракетните системи, американскиот претседател Џо Бајден синоќа изјави дека САД ќе ѝ дадат на Украина понапредни ракетни системи и муниција за „попрецизно да ги таргетира клучните цели на бојното поле“.

Прочитајте и:  Француската брза железница мета на „координирани акти на саботажа“, непосредно пред отворањето на ОИ

„Брзо тргнавме да и испраќаме на Украина значителни количества оружје и муниција за да може да се бори на бојното поле и да биде во најсилна можна позиција на преговарачката маса“, изјавил Бајден, цитира денеска „Њујорк Тајмс“.

Висок претставник на администрацијата на Бајден изјави дека САД ќе ѝ го дадат на Украина високо подвижниот артилериски ракетен систем М142 (HIMARS), што ќе ги подобри способностите на Киев на бојното поле додека се бори против руските освојувачи.

„Украинците ќе ги користат овие системи за да го одбијат рускиот напредок на украинска територија, но нема да ги користат на цели на руска територија“, им рекол официјалниот претставник на новинарите.

Извор: МИА

- Реклама -