Зеленски ја обвини Русија за воени злосторства: „Никој во светот нема да ви прости“

Во 5 дена, Русија лансирала 56 ракетни напади и пукала на Украина со 113 крстосувачки проектили, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски во видео обраќање доцна синоќа, обвинувајќи ја Русија дека прави воени злосторства во Украина.

„Денеска, руските сили брутално пукаа на Харков од воздушна артилерија. Беше јасно воено злосторство. Харков е мирољубив град, има мирољубиви станбени области, нема воени објекти. Десетици сведоштва докажуваат дека ова не е еднократен погрешен налет, туку намерна деструкција на луѓе: Русите знаеја каде пукаа“, рече Зеленски.

„Дефинитивно ќе има меѓународен суд за ова злосторство – ги крши сите конвенции. Никој во светот нема да ви прости за убивањата на мирољубиви Украинци“, ѝ порача Зеленски на Русија.

Според него, Русија треба да биде изолирана од сите други држави, во практично сѐ.

„Земја што извршува злосторства врз цивили не може да биде членка на Советот за безбедност на Обединетите нации. За таква земја, влезот во сите пристаништа, канали и аеродроми во светот мора да биде затворен. Таква земја не треба да добива стотици милијарди од извоз на енергенси. Купувањето руски стоки сега значи финансирање на убивање луѓе“, порача Зеленски, притоа повторно упатувајќи барање за „комплетно затворање на небото за руски проектили, летала и хеликоптери“.

Прочитајте и:  Русија ги отфрли обвинувањата дека стои зад саботажата во Франција

„Злото, вооружено со проектили, бомби и артилерија, мора да биде запрено веднаш, да биде економски уништено. За да се покаже дека човештвото е способно да се самоодбрани, неопгодно е да се размисли за комплетно затворање на небото за руски проектили, летала, хеликоптери“, порача Зеленски и преку Фејсбук.

Според градоначалникот на Харков, Ихор Терехов, најмалку 9 цивили биле убиени во денешните ракетни напади на градот, вклучително и 3 деца.

„Денеска имавме многу тежок ден. Се покажа дека ова не е само војна, ова е масакр врз Украинците“, напиша Терехов на Телеграм.

„Проектилите погодија станбени згради, убивајќи и повредувајќи мирољубиви цивили. Харков нема видено ваква штета многу долго време. Ова е ужасно“, додаде тој.

Според него, четири луѓе загинале кога излегле од засолниште за да набават вода. Цело смејство – со двајца возрасни и три деца, изгореле живи во својот автомобил. Уште 37 луѓе биле повредени, рече Терехов.

Според Обединетите нации, најмалку 406 цивили се пријавени како загинати во Украина, од кои 102 во претходните денови, соопшти генералниот потсекретар за хуманитарни прашања на ОН – Мартин Грифитс, додавајќи дека вистинскиот број може да е значително повисок, бидејќи голем број од жртвите допрва треба да бидат потврдени.

„Сликата е мрачна и може да стане уште полошо. Воздушните напади и борбите во урбани области оштетуваат критични цивилни објекти и го попречуваат есенцијалните сервиси како здравство, струја, вода и санитација, што ефективно значи дека цивилите се оставени без основните потреби за живот“, рече Грифитс.

Извор: CNN

- Реклама -