Парламентот е над Владата и премиерот како институција и затоа тој ќе ја почитува одлуката на пратениците, каква и да е – изјави денеска премиерот Зоран Заев, прашан за став за предлогот на Демократскиот сојуз пратениците наместо да одат на одмор, да го искористат овој период за реформи и подобрувања во неколку важни области за државата.
Заев истакна дека тој лично ќе искористи 10 дена годишен одмор, но исто така и повторно застана во одбрана на правото на одмор.
„Социјалдемократ сум и правото на одмор е вистинско право, затоа што одморен човек и работник, па и пратеник може да биде поефикасен. Можеби не мора цел август да биде одмор. Обично после Илинден парламентот заминува на одмор, можеби помалку, но парламентот е над Владата и над мене како премиер, јас не би си дозволил да ги коментирам нивните одлуки. Како ќе одлучат тие, ќе почитувам“, рече премиерот.