Заев: Секој човек заслужува да одмори во недела, направив една убава турнеја од источниот дел на државата, централниот, западниот, јужниот…

„Ќе ве потсетам, уште кога ме избраа премиер реков викенд не работам, недела сум со семејството, сум за себе. Имам едно хоби, тоа е возењето мотор и сум го кажал јавно. И навистина недела е ден за семејството, за себе. Лично јас ги полнам моите батерии возејќи мотор, затоа што и кога сум дома луѓето допираат, имаат потреби, контактираат. Недела мислам дека секој човек заслужува да одмори и јас буквално секогаш кога можам викендот сум или со семејството или за себе го посветувам времето и тоа јавно сум го објавил“, рече денеска премиерот Зоран Заев, одговарајќи на новинарско прашање по повод реакциите во јавноста за неговото развозување низ државата во моменти кога земјава ја преживува најголемата криза од почетокот на пандемијата, пред сѐ во поглед на бројот на починати од коронавирусот на дневна основа.

Заев истакна дека тој и неговото друштво целосно ги почитувале сите мерки, а рече и дека иако имал дозвола за движење во полициски час, никаде не се движеле додека траела забраната.

Прочитајте и:  Филипче: Ќе понудиме современа политичка платформа со силен фокус на економијата и платите

Сподели и впечатоци од патувањето, но посочи и дека доколку можел повеќе да помогне – ќе се откажел од личните задоволства, но дека тој и министерот за здравство направиле сѐ што можеле во рамки на нивните ингеренции.

„Направив една убава турнеја од источниот дел на државата, централниот, западниот, јужниот дел на државата и се вратив во Скопје. И тоа е ден на викенд и не се кријам, мислам, не треба некој да се крие кога нешто прави за себе.

Ако јас би бил покорисен, или Венко Филипче, или било кој, да може нешто плус да помогнеме од тоа што го помагаме секој ден согласно со нашите задолженија и одговорности што ги имаме, секако, од тоа мое лично задоволство или лично право како граѓанин веднаш ќе се откажам. Но, дефинитивно сме направиле сѐ што можеме да направиме, секојпат сме достапни за сѐ и навистина недела е ден за одмор и секој има право да го искористи за своите согледувања“, рече премиерот.

- Реклама -