Демократски сојуз: Пратениците да не одат на одмор, туку да одат на работа

Пратениците и министрите во текот на јули и август, наместо на одмор, да одат на работа – предлага Демократскиот сојуз и претседателот на партијата Павле Трајанов. Целта е, објаснува тој, овој период да се искористи за подготовка и носење на закони за непречена работа на компаниите, подготовки за враќање на учениците и студентите на училиштата и факултетите, и спроведување на реформи неопходни за имплементација на стандардите на Европската унија.

Покрај тоа, Демократскиот сојуз смета дека летниот период треба да се искористи и за изградба на заокружен и ефикасен систем за борба против тешките облици на криминал и високата корупција, но и на борба против урбаната мафија и мафијата која и натаму остварува високи профити со продажба на канцерогени нафтени деривати, како и депонирање на опасен отпад.

Прочитајте и:  Демократски сојуз: Времето на уцени од Радев заврши

Од партијата на Трајанов бараат да продолжат и реформите во судскиот систем, како и да се донесен посебна програма за департизација на службите за безбедност и администрацијата.

Во однос на пандемијата, Демократскиот сојуз смета дека периодов треба да се искористи и за подготовка на Платформа за поефикасно справување со коронавирусот, спроведување на имунизација на населението и реорганизација на здравствениот систем во насока на негова подготвеност за дејствување во услови на кризна состојба.

„Поради пандемијата многу реформи доцнат, поради што сметаме дека само со дополнителни напори и работа можеме да опстоиме на патот кон Европската унија и да создадеме подобри услови за работа и подобар живот за сите граѓани“, велат од партијата.

- Реклама -