Заев: Ветото е непријателски чин и кине, пече, корни, но Борисов останува мој брат, а Бугарија – пријателска земја

Ветото од Бугарија е директно кршење на членот 2 од Договорот за добрососедство од 2017 година и претставува непријателски чин, се согласи премиерот Зоран Заев со констатациите на новинарот Атанас Кировски во вечерашното гостување на ТВ „Телма“. Но, и покрај тоа, Заев е категоричен во ставот дека Бугарија е пријателска земја, а премиерот Бојко Борисов му е „брат“.

„Така е. Јас го чувствувам и нашиот народ го чувствува како директно кршење на Договорот. Јас до ден денеска ја нарекувам ‘пријателска Бугарија’. Нашиот сосед не може да е непријател. Тој е пријател, иако чинот е непријателски. Тој е несвојствен, нелогичен. Јас сум убеден дека бугарскиот народ сака пријателство со македонскиот. Знам дека и претседателот Радев сака пријателство со претседателот Пендаровски и меѓу двата народи. Знам и за Бојко Борисов“, рече Заев.

Тој потенцираше дека има голема верба во својот колега, пријател и брат од Бугарија, при што ги пофали сите негови лични заложби и постигнувања во поставувањето на европроширувањето како тема назад на европската маса и напредокот на Македонија во процесот на интеграција. Споре Заев, Борисов се борел како за своја земја.

„Јас го кажувам духот негов. Денеска го гледав видеото што го објави Борисов, како зборува. Тоа е премиерот Борисов. Тој смета, искрено, без никаква куртоазија, дека интерес на бугарскиот народ и Бугарија е интеграцијата на целиот Западен Балкан во ЕУ. И јас до ден денеска, веројатно можеби и толкава е горчината – премногу сум се надевал, премногу сум очекувал, и ова кине, пече, корни…“, рече премиерот Заев.

Прочитајте и:  Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ не функционира со ултиматуми и рокови

Претходно тој истакна дека ги чувствува горчините што ги чувствуваат и граѓаните.

„Јас сум роден Македонец, сум израснат како Македонец. Граѓаните коишто ги чувствуваат овие горчини, овие предизвици за нашите чувства, ги чувствувам и јас, секојдневно. Иако, сум одговорен и знам дека јас сум прво должен да го отварам патот, да го пробивам снегот за да можеме да градиме искрено пријателство“.

Сепак, Заев порача дека „и за танго“ се потребни двајца, и ги повика пријателите од Бугарија (според него, затоа што бугарскиот народ е пријател на македонскиот, пријатели се и бугарската влада, па и бугарската опозиција) да знаат дека правото на идентитет, на самоопределување и на свој мајчин јазик, е наше неотуѓиво право, гарантирано со меѓународните договори и универзалните човекови права.

Во интервјуто, Заев призна дека разочарувањето вчера било големо, но дека веќе од денеска владата продолжува со работа кон истата цел:

„Јас и ден денеска, еве вчера се обратив со целата горчина, некои приметија, и тага во моите очи, во мојот однос… веројатно, човек сум, се примеќа и тоа и така беше… но денеска продолжуваме, нема како поинаку. Продолжуваме да се убедуваме, затоа што тоа е патот“.

- Реклама -