Заев вели дека „сменетиот“ историчар Литовски одбил нов договор, ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека „безобразно лаже“

„Нетранспарентното менување на членот на историската комисијата со Бугарија од страна на Заев е обид за замолкнување на вистината“, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Според нив, Заев безобразно лаже за смената на членот на комисијата поради тоа што бил критички настроен, а со цел да направи дополнителен притисок кон останатите членови, за да потпишат и да се согласат на сѐ што ќе нареди тој, за да може да се пазари со идентитетот.

„Заев го замолкнува секој обид за спротивставување кон неговите политики и го деградира сечие мислење и критика насочено кон обелоденување на историските факти. Со отстранување на членот на комисијата, Заев сака да ја претвори оваа историска комисија како и секоја друга институција во државата каде има свои послушници. Наместо да се штити професионализмот и националните интереси, премиерот предавник на својот народ и држава сега повторно ќе ја менува историската стварност во полза на Бугарија, за да си ги задоволи своите сметки и бизниси“, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ, откако вчера премиерот Зоран Заев рече дека Александар Литовски – доскорешниот член на комисијата, самиот не сакал да му биде продолжен договорот.

„Тоа што ме информираше министерот Бујар Османи е дека на господинот Александар Литовски му завршува договорот во Историската комисија и тој не сака да го продолжи. Тој е наш граѓанин, познат историчар и секако го поддржуваме. Тој и неговото семејство имаат други планови, околу ангажман на членови на семејството, за кои што човекот објаснил дека не сака да продолжи. Ослободеното место ќе го пополни нов член“, рече Заев, додавајќи дека ослободеното место отворило простор министерот Османи, во консултација со останатите членови на Комисијата, да предложи нов член на Комисијата.

Прочитајте и:  Мицевски: Изразувам огромна згрозеност од недоличното, безобразно и срамно однесување на Апасиев

„Во оваа комисија се сериозни, врвни експерти по историја и веруваме комплетно во нивната определба и им даваме комплетно целосна поддршка бидејки таа е нивната улога, на експертски и професионален начин не политички начин да ги решаваат работите“, потенцираше премиерот.

„Смената“ на Литовски (кој не ги обландираше своите ставови во однос на Бугарија) крена прав во јавноста кога Владата соопшти дека нов член на комисијата станува Исамедин Азизи, со што комисијата го доби првиот член Албанец. Но не поради етничката припадност или евентуални сомнежи околу неговата стручност, туку затоа што Албанец во комисијата беше долгонајавувана заложба на министерот Османи која многумина ја сфатија како чисто политички потег на национална основа на министерот од ДУИ.

Во однос на преговорите со Бугарија, пак, Заев вчера уште еднаш увери дека за идентитетот не се преговара, и покрај тоа што очекува наскоро да биде прифатен и да започне со имплементација Акцискиот план во однос на конкретните проекти, макар што во одговорот, како што откри претседателот на државата Стево Пендаровски, Бугарија додала и свои сфаќања во однос на македонскиот идентитет:

„За Македонци и македонскиот јазик, за идентитетските прашања, нашата национална посебност, апсолутно не разговараме. Нашите ставови се јасни. Не постои каква било перспектива или европска перспектива, ако бидеме обезличени, ако не постоиме. Ние сме Македонци, кои зборуваме македонски јазик, државата ни е мултиетничка, ние тука ги чуваме идентитетските прашања на целиот европски континент и ги негуваме и ги афирмираме и очекуваме Европа, вклучително и Бугарија да се придржува на тоа“, порача вчера Заев.

 

- Реклама -