„Вечер“: Азизи во комисијата доаѓа на местото на Литовски, кој смета дека Бугарија во политиката се води од Санстефанскиот сон

По збунувачката констатација на дел од медиумите дека новоименуваниот член на комисијата за историски прашања со Бугарија – Исамедин Азизи, се приклучува на актуелниот состав, со оглед дека бројот на членови на комисијата е ограничен и не може да се менува, „Вечер“ објави дека Азизи всушност доаѓа на местото на историчарот Александар Литовски од Националната установа Завод и музеј – Битола.

Забуната веројатно произлегува од соопштението на Владата за одлуките на денешната владина седница, каде е наведено именувањето на Азизи, но не се споменува дека некој од членовите не е повеќе дел од комисијата.

Како што наведува „Вечер“, образложението на Владата е дека на Литовски му истекол договорот. Азизи, од друга страна, бил предлог на Министерството за надворешни работи предводено од Бујар Османи.

Литовски, неколку дена по интервјуто на премиерот Зоран Заев за БГНЕС, во гостување на „Утрински брифинг“, остро ги критикуваше изјавите на политичарите за прашања од историјата. Освен тоа, Литовски смета и дека дури и да ѝ се попушти на Бугарија, таа пак ќе нѐ блокира, бидејќи во политиката кон Македонија се раководи од Санстефанскиот сон за „Голема Бугарија“. Во друга прилика, Литовски остро ги критикуваше „елитните полуинтелектуалци од високата средна класа“, а е и доста активен на социјалните мрежи во однос на историски прашања.

Прочитајте и:  Средба Сиљановска Давкова - Радев во Баку: Билатералните спорови да се решаваат во рамки на принципите и вредностите на ЕУ

Азизи, пак, е научен соработник-доцент во Институтот за национална историја (ИНИ). Тој е првиот етнички Албанец кој е дел од мешовитата комисија со Бугарија – нешто што одамна го бараа албанската опозиција и албанските историчари и аналитичари, но и одамна го најави шефот на дипломатијата Османи.

- Реклама -