Заев – Рама: Европа има проблем, а проблемот е самата Европска унија

„Денес Европа има проблем. Големата, визионерската идеја за обединета Европа денес има проблем, а проблемот е самата Европска унија“. Ова беше острата порака што денеска, ден по потврдата на ветото од страна на Бугарија, ја упати премиерот Зоран Заев на заедничката прес-конференција со неговиот албански колега Еди Рама, во рамки на Скопскиот економски форум.

„Брисел ни порача дека Европската унија не успеа да најде начи да ја обезбеди заслужената интеграција на Западен Балкан. Е тоа е проблемот, тоа што 26 земји членки не успеваат да спречат блокада на една земја членка. Тоа е проблем предизвикан од самата Европска унија“, истакна  Заев.

Тој потенцираше дека, сепак, државата и граѓаните не се и нема да бидат ниту сами, ниту изолирани.

„Нашиот народ – македонскиот народ, и албанскиот народ, пред себе имаат ист пат, имаме иста визија, исти вредности. Тоа се европските вредности, а не политиките на ѕидови и поделби. Ние не запираме, а знам дека на овој пат со нас се и Србија, Црна Гора, Косово, Босна и Херцеговина. Ние сме Европа без разлика дали ЕУ ќе успее да ги тргне блокадите или не.

Прочитајте и:  Средба Сиљановска Давкова - Радев во Баку: Билатералните спорови да се решаваат во рамки на принципите и вредностите на ЕУ

Нашите народи и влади среде Балкан демонстрираат европски манири. Забрзано ги тргаме пречките и границите меѓу нас за граѓаните, услугите и стоките да се движат слободно. Имаме заеднички идеи, предизвици и култури со нашите братски народи од регионот. Тука сме со премиерот Рама за да најавиме дека ќе си ги зближиме уште повеќе народите“, порача премиерот.

- Реклама -