Заев и официјално му ја предаде функцијата претседател на СДСМ на Ковачевски: „Ти посакувам среќа, мудроста ја имаш“ (ВИДЕО)

Попладнево, во седиштето на СДСМ, поранешниот претседател на партијата – Зоран Заев, официјално му ја предаде функцијата на новоизбраниот претседател на СДСМ – Димитар Ковачевски. Заев му ја честиташе победата на внатрепартиските избори и му посака успешен мандат.

„Претседателе, ти посакувам среќа, мудроста ја имаш. Да ја чуваш оваа најголема и државотворна партија, да ја негуваш социјалдемократијата, да водиш грижа за единството и да ја чуваш слободата и демократијата во нашата земја, како и во партијата“, му порача Заев на Ковачевски.

„Ти посакувам успешен мандат како претседател на СДСМ, да избереш мудро раководство кое ние сите ќе го следиме и заедно под твое раководство ќе се радуваме на победите на следните избори во 2024 година. Нека ти е со среќа“, додаде Заев, потенцирајќи дека СДСМ е столб на државноста.

Прочитајте и:  Филипче: Не можам да објаснувам потекло на пари за нешто што немам, немам ниту хациенда, ниту луксузно возило

Ковачевски, од своја страна, му се заблагодари на Заев за сиот негов придонес во водењето на СДСМ, но и на Владата во изминатите години, период во кој, како што нагласи, земјата стана членка на НАТО и постигна историски успеси.

„Ти благодарам и за мудрите одлуки што ги донесе за партијата, но и за државата, благодарение на кои што денеска земјата е членка на НАТО и сме на прагот на почнување на преговори со ЕУ. Благодарам што оставаш партија во наследство што има најголем кадровски потенцијал. Сакам да ти посакам многу здравје, и среќа во личниот и професионалниот живот“, му порача Ковачевски на Заев.

- Реклама -