Заев: Коректно и политички е човек да се корегира кога нешто е спротивно на Преспанскиот договор

Кога човек ќе погреши, коректно, но и политички, е самиот и да се корегира – истакна денеска премиерот Зоран Заев, прашан од пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ – Ане Лашкоска, зошто ѝ се извини на Грција ако придавката „македонска“ е гарантирана со Преспанскиот договор.

Според Заев, тоа не се однесува на случаи како конкретниот со фудбалската репрезентација.

„Кога се претставува државата, а фудбалската репрзентација ја претставува државата, тогаш се употребува ‘на Северна Македонија’, додека ‘македонско’, ‘македонска’, ‘Македонец’, сите делови на придавката, се употребуваат во сите други форми на дискусија и соопштување на нашите ставови“, објаснуваше премиерот.

„Затоа е коректно и политички да човек се корегира кога нешто е спротивно на Преспанскиот договор. Јас сум го потпишал тој договор, сум го преговарал тој договор и апсолутно целосно го гарантира македонскиот идентитет, македонскиот јазик и нашата македонска национална посебност. Апсолутно нема дилема и јасно е, согласно Преспанскиот договор – кој е закон ратификуван во нашето Собрание, што е придавка и кога се употребува ‘македонско’, ‘македонски’, ‘Македонец’, ‘Македонка’ и слично, а кога ‘Северна Македонија’ кога се претставува државата и државните институции. И тоа е јасно разграничено.

Проблемот е во тоа што секогаш барате начин како да ја замајувате јавноста преку неискрен пристап, во делот на она што претствува гарантирање на иднината и на Македонците, но и на сите кои што живеат во нашата земја. Преспанскиот договор тоа го овозоможи“, обвини Заев во одговорот до Лашкоска.

Правдањето на Заев следуваше откако „Катимерини“ објави дека грчката влада замрзнува три меморандуми за соработка затоа што Заев за фудбалската репрезентација реферирал како „македонска“ во твитот за време на натпреварот со Холандија. Одговарајќи на новинарско прашање вчера по заедничката прес-конференција со албанскиот колега Еди Рама, ословувањето на репрезентацијата како „македонска“ премиерот ја сведе на ненамерна грешка, иако, за волја на вистината, речиси во секоја објава поврзана со Европското првенство и фудбалерите, Заев ја користеше истата таа формулација (што може да се види со кратка проверка на неговиот официјален Фејсбук профил).

Во одбраната на договорот со Грција, премиерот денеска истакна и дека пред неговото потпишување за сите сме биле „ФИРОМ“ и „Фиромци“, а Македонци сме биле само по дома. Благодарение на договорот, денеска сме Македонци од Северна Македонија кои зборуваат македонски јазик – за сите во светот, истакна тој.

- Реклама -