„Околу твитот за нашата репрезентација… Вистина е дека има македонски играчи, албански играчи, Бошњаци итн. и дека има Македонци што го играат тоа, но дека е репрезентација на Северна Македонија. Тоа е точно, согласно Преспанскиот договор“, одговори премиерот Зоран Заев на новинарско прашање за замрзнувањето на меморандуми за соработка од страна на Грција затоа што фудбалската репрезентација ја нарекол „македонска“ за време на мечот против Холандија на Европското првенство.
Заев истакна дека на ратификацијата на договорите и меморандумите во грчкиот парламент чекаме веќе 2 години и нема многу да сменат уште пар месеци, но оцени дека неговата грешка не треба да биде причина за нивно одложување, бидејќи тие се во интерес на граѓаните – Македонците и Грците, кои го очекуваат тоа, затоа што се работи за економска соработка, за покривање на нашиот воздушен простор од страна на грчките воздухопловни сили според НАТО стандардите и за поддршка на европската интеграција на Северна Македонија, што Грција го прави во пракса.
Својот пропуст, Заев го припиша на старите навики.
„Секако, секогаш испраќам пријателски пораки бидејќи верувам во Преспанскиот договор кој го направивме заедно со мојот добар пријател Алексис Ципрас и донесовме бенефит за двете страни, за граѓаните од двете земји. И се разбира, јас сум првиот кој се придржува до Преспанскиот договор, но понекогаш, нормално е, се греши околу прецизностите на Преспанскиот договор, но јас имам 46 години и се случува реченица што сум ја повторувал 46 години да ја спомнам и сега понекогаш“, рече премиерот, алудирајќи на „македонска фудбалска репрезентација“.
„Но, секако, остануваме посветени на тоа, бидејќи Преспанскиот договор носи бенефит за нашите граѓани“, рече Заев.