Атина ја одложува ратификацијата во парламентот на три меморандуми за соработка меѓу Македонија и Грција. Ратификацијата, која беше планирана за во јули, се одложува за септември, а можеби и подоцна, дознава „Катимерини“. Според информациите на весникот, овој потег е одговор на Атина на твитот на премиерот Зоран Заев, кој од трибините во Амстердам фудбалската репрезентација „ја реферирал како Македонија“. Целта на Атина, пак, е „Заев да разбере дека има одредени обврски кои не може да ги игнорира“.
Првичната реакција дојде вчера, кога портпаролката на грчката влада – Аристотелија Пелони, коментирајќи го твитот на Заев (не е најјасно дали Грција реагира што Заев фудбалската репрезентација ја нарекол „македонска“, или тоа што го користел кодот „MKD“ наместо новото име на државата, макар што „Катимерини“ го акцентира првото), порача дека премиерот на Северна Македонија мора да го почитува Договорот од Преспа во сите контексти, вклучувајќи и спортски настани.
„Бараме целосна имплементација на Преспанскиот договор и неговиот дух и го повикуваме г-н Заев да се воздржи од реторика на поделби, посебно во така сензитивни прашања како што е фудбалот“, изјави Пелони, додавајќи дека „во секој случај, имплементацијата на договорот во добра волја е еден од критериумите за пристапувањето на земјата во ЕУ“.
Според „Катимерини“, уште една индикација дека актуелната влада на Грција го зацврстува ставот кон трансгресиите (пречекорувањата) на Северна Македонија во однос на Преспанскиот договор, е тоа што Пелони ги потсети новинарите дека Нова Демократија не се согласуваше со Преспанскиот договор, а дека него го потпиша претходната влада на СИРИЗА во 2018 година. Поконкретно, Пелони истакна дека владејачката Нова Демократија најмногу се противи на прашањата за јазикот и идентитетот, кои во последно време често доаѓаат до израз.
Владата јасно ја соопшти својата намера дека сака да го имплементира договорот и покрај првичното противење од страна на Нова Демократија. Но, од друга страна, владата исто така става јасно до знаење дека нема да замижи пред она што го гледа како измешани сигнали кои доаѓаат од Скопје, во однос на неговите намери за целосно имплементирање на договорот, оценува „Катимерини“.
Претходно, пак, екс-премиерот на Грција – Алексис Ципрас, бранејќи ги придобивките од Преспанскиот договор (во контекст дека на ЕП игра Северна Македонија, а без договорот ќе играла Македонија) ја обвини токму владата на Грција што доцни со ратификацијата на меморандумите и со тоа ја одложува имплементацијата. Според Ципрас, причината за тоа е силниот отпор против Преспанскиот договор што Нова Демократија го има во сопствените редови. Тоа, од друга страна, сугерира дека „трансгресиите“ на Заев се искористени само како алиби, или пак дека Грција веќе некое време смета дека има причини да не продолжи со имплементација на Договорот.
Инаку, се работи за Меморандум за забрзување на процесот на интеграција на Северна Македонија во ЕУ, Меморандум за формирање координативен комитет за економска соработка, и Техничка спогодба за надгледување на воздушниот простор на Северна Македонија.