Заев ја потсети ЕУ на европските вредности: Суштината на ЕУ е загрозена, никој не смее да го доведе во прашање човечкото достоинство

На денешната заедничка прес-конференција во рамки на Скопскиот економски форум, македонскиот премиер Зоран Заев и премиерот на Албанија – Еди Рама, освен што ја критикуваа Европската унија, испратија порака и до нашите и до европските граѓани, но и до домашните и европските политичари.

„Алармот е вклучен, суштината и вредностите на Европската унија се доведени во прашање“, истакна Заев, посочувајќи дека Европската унија нема екслкузивно право врз европските вредности.

„Европските вредности се заеднички за земјите од Европската унија, но и за земјите кандидати за членство, кои ги прифаќаат и ги развиваат. И еве денеска, тие вредности се афирмираат од Западен Балкан: Инклузивноста, мобилноста, толеранцијата, правдата, солидарноста“, рече премиерот.

Тој ја потсети ЕУ – односно сите од Европската унија кои овие вредности ги прифатија и промовираа како составен дел од европскиот начин на живот – дека никој и со ниту еден акт, не смее да ги доведе во прашање човечкото достоинство, еднаквоста и солидарноста, владеењето на правото, човековите права.

Прочитајте и:  Средба Сиљановска Давкова - Радев во Баку: Билатералните спорови да се решаваат во рамки на принципите и вредностите на ЕУ

Заев потсети и на минатонеделната посета на Софија, каде што македонската делегација, како што рече, заминала со отворено срце и подадена рака за решение и подготвеност за исчекор во позитивна насока со Република Бугарија, а потсети дека во Софија претходно беше и премиерот Рама.

„Иако направивме заеднички позитивен исчекор, за жал, и покрај јасните и недвосмислени пораки од целата меѓународна заедница, дека сега е моментот да се најдат сили за пробив, бугарските колеги не успејаа да соберат доволно сила да одобрат почеток на преговорите на Северна Македонија и на Албанија со Европската унија“, констатираше Заев.

Тој подвлече дека одлуката на ЕУ – да не ја закаже првата меѓувладина конференција со Северна Македонија и Албанија, без оглед на свеста и воздржаноста во очекувањата од македонска и албанска страна, претставува големо разочарување, но и огромен неуспех за политиката на Европската унија и за проширувањето. А над сѐ, и лоша порака за целиот регион.

- Реклама -