„Имаме веќе преку дваесетина табли сменето во државата кадешто стои ‘бугарски фашистички окупатор’ “, се пофали премиерот Заев во интервјуто за бугарската БГНЕС, сакајќи да аргументира дека Македонија е подготвена, како што констатираше бугарскиот новинар, „да ги отвори страниците од историјата и луѓето во Македонија да разберат што се случувало“, односно да се каже реалноста која, според Заев, новите генерации не ја знаеле, а треба да ги сплотува луѓето од двете држави.
„Тоа не е така, Бугарија не е фашизам! Бугарија е нашиот пријател“, истакна Заев алудирајќи на изразот „бугарски фашистички окупатор“.
„По таа логика, кога зборувате со г-ѓа Меркел, треба да ѝ кажувате дека се фашисти“, се уфрли новинарот.
„Тоа не е точно. Имало некојпат некоја администрација во тој момент, на почетокот. После тоа Бугарија се дига заедно со антифашизмот, се бори за слободата, за демократијата, и апсолутно е дел од антифашистичкиот фронт. Бугарски и македонски војски ослободуваат територии на, еве знаеме, Крива Паланка, Куманово, целиот регион, Скопје и во целиот овој дел. И тоа е еден убав дел од нашата историја кој нѐ прави да бидеме уште поединствени или слично. Јас ги кажувам историските факти на коишто мораме да работиме во иднина, заради тоа што периодите наназад тоа не ни го овозможиле. Сега треба да бидеме паметни, сегашните генерации! Да го тоа промениме во духот на огромното пријателство коешто го имаме, коешто гарантира уште поубава соработка во периодот што доаѓа“, рече Заев.